15.05.2023

Босанскиот интернационалец во редовите на Пелистер, имаше импресивен индекс 35 во дуелот со екипата од Тафталиџе

ИДЕАЛНА ПЕТОРКА-ПОЛУФИНАЛЕ-1: Хаџифејзовиќ знае како треба со ТФТ

Двата полуфинални натревари, први од серијата „подобар во три“ натпревари, донесоа доста добри индивидуални постигнувања. Секако, во преден план се оние кои ги реализираа играчите од победничките екипи, во овој случај, МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер.

СЕАД ХАЏИФЕЈЗОВИЌ (ПЕЛИСТЕР)

Вистинско издание, во вистинско време. Во овие натпревари во кои нема многу „простор“ за „поправен испит“, одигра скоро беспрекорно. И е главниот „виновник“ за првиот поен на „пелистерци“ во серијата со ТФТ.

Одигра нецели 26.минути, но тоа не му посмета да реализира 32.поени, со висок процент на реализација (2/2 за три, 11/18 за два поени и 4/5 од линијата за слободни фрлања). Освен тоа додаде и 12.скока (три офанзивни), две асистенции, како и три загубени топки. Сето тоа за индекс-35, далеку најдобар во овој прв круг од полуфиналето на плеј-офот.

АНДРЕЈ МАСЛИНКО (ПЕЛИСТЕР)

Уште една сосема добра игра на македонскиот репрезентативец. Крилото на „зелено-белите“ испорача 23.поени, без да промаши во обидите од поле (1/1 за три и 8/8 за два поени), имаше и (4/6 во обидите кои вредат по еден поен). А за 33:43 минути во игра, имаше и три освоени топки, по еден скок, асистенција и загубена топка и висок индекс на корисност – 27.

ДАМЈАН СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Беше иницијатор на онаа победничка серија во дерби дуелот со Работнички. На крајот, капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, дојде до дабл-дабл остварување во овој прв триумф на првакот во полуфиналето. Застана на бројка од 14. поени (2/7 за три, 3/3 за два и 2/4 за еден поен). За 29.минути на теренот, имаше и 11. скока (три од нив беа во фазата на нападот), три успешни додавања, две освоени топки, една загубена за 23.индексни поени.

ДОНТАЈ КАРУТЕРС (ПЕЛИСТЕР)

Третиот расположен играч на Пелистер во првиот полуфинален дуел со ТФТ. Она што е особено важно за стручниот штаб на „зелено-белите“ е дека беше максимално „рентабилен“. Односно дека за 26:31 минути кои ги помина на теренот, оствари двоен ефект. Не потроши многу топки (4/5 за два и 2/2 за еден поен), но затоа пак оствари и десет асистенции до соиграчите, имаше и четири скока, по една освоена, односно загубена топка, и 23. индексни поени.

ВОЈДАН СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Неговиот придонес во првиот успех во серијата можеби, бројчано гледано, не е голем. Но самото присуство на теренот значи многу за екипата која го брани шампионскиот трофеј.

За 23:47 минути во игра, постигна 12.поени (5/7 за два и 2/3 за еден поен), на кои додаде и седум скока и три асистенции.

ПРВА ПЕТОРКА

Сеад Хаџифејзовиќ (Пелистер)

Андреј Маслинко (Пелистер)

Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

Донтај Карутерс (Пелистер)

Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

ВТОРА ПЕТОРКА

Дастин Вер (МЗТ Скопје)

Ерик Нотиџ (Работнички)

Александар Костоски (ТФТ Mozzart)

Ѓорѓе Џелетовиќ (Работнички)

Никола Малешевиќ (Работнички)