Александар Костоски беше клучниот фактор за ТФТ во трката за место кое води во доигрувањето за шампионската титула. Кога беше најпотребно, искусниот организатор на играта одигра најдобро, и доволно за екипата од Тафталиџе стигна до уште еден, за нив историски резултат. Пласман во плеј-офот, и полуфинална серија против бранителот на титулата – МЗТ Скопје Аеродром.
Против директниот конкурент, и неговиот поранешен клуб – Гостивар, ги одигра сите 40.минути. Реализираше најмногу поени за него во сезоната – 36. Со одлична реализација од поле (10/18) и од линијата за слободни фрлања (11/12). Но имаше и седум скока, пет асистенции и само една загубена топка за време на мечот во „Кале“.
Доволно за индекс – 38, далеку повеќе во однос на конкуенцијата за избор на идеалната петорка на 10. коло од Суперлигата.
А во последниот круг по кој ги дознавме четирите полуфиналисти, свои добри индивидуални изданија имаа и Александар Тодоровиќ (Гостивар), Бранислав Ѓекиќ (Еуро Никел 2005), како и двајца млади кошаркари, Борјан Стојановски од Феникс 2010, односно Тодор Златев од Еуро Никел 2005.
Во Плеј-аут конкуренцијата, неверојатно добро остварување на Филип Бакоч. Крилото на Навико Академија ФМП собра дури 45. индексни поени, „преведено“ во бројки, 33.поени (11/14 за два поени), 10. скока, 7.асистенции, три загубени и две освоени топки.
За одбележување е и трипл-дабл ефектот кој го реализира Горан Глачев, кој на другата страна од теренот во дуелот со Навико Академија ФМП имаше 13.поени, 11. скока и 10. асистенции.
ПРВА ПЕТОРКА – СУПЕРЛИГА
Александар Костоски (ТФТ) 38
Александар Тодоровиќ (Гостивар) 23
Бранислав Ѓекиќ (Еуро Никел 2005) 22
Борјан Стојановски (Феникс 2010) 22
Тодор Златев (Еуро Никел 2005) 19
ПРВА ПЕТОРКА – ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА
Филип Бакоч (Навико Академија ФМП) 45
Оливер Двојаковски (Навико Академија ФМП) 30
Ненад Зивчевиќ (Куманово 2009) 30
Душан Јузбашиќ (Куманово 2009) 27
Горан Главчев (Кожув) 26
*Петорките се формирани според бројот на индексни поени