ФОТО: Роберт Рикиќ (МЗТ Скопје Аеродром) има највисок индекс во 8 коло од Суперлигата
Суперлигашите го одработија осмото, а екипите од Плеј-аут конкуренцијата седмото коло. Во овој круг од натпреварите повторно има мали измени на табелата, и една констатација која вели дека екипата на Феникс 2010 ги загуби шансите за пласман во доигрувањето откако убедливо загуби од топ фаворитот за титулата, МЗТ Скопје Аеродром.
Во голема мерка поради одличното ол-раунд издание на највисокиот играч во лигата – Роберт Рикиќ.
Центарот на „металците“ на средбата со Феникс 2010 имаше индекс 35. Односно, за 29 минути во игра, реализираше 15.поени (4/5 за два и 7/8 за еден поен), 14 скока (четири офанзивни), пет асистенции, две освоени топки и една блокада.
Никола Малешевиќ беше во центарот на вниманието на средбата во Гостивар и поради своите играчки квалитети. Средбата ја заврши со индекс 27, односно 20.постигнати поени (7/11 за два и 6/6 за еден поен), седум скока, осум асистенции за 35:33 минути на теренот.
Александар Костоски беше најкорисниот играч на ТФТ на дуелот со Еуро Никел 2005 (индекс 26), но неговиот краен индивидуален ефект не беше доволен за триумф. Го однесоа кавадарчани кои во своите редови го имаа(т) Дарко Соколов, кој оствари индеск 22, и со него и Александар Тодоровиќ (Гостивар), се затвора кругот на петорката составена од играчи кои настапуваат во Суперлигата.
ФОТО: Декардо Деј имаше одличен индивидуален настап против Работнички
Во плеј-аут конкуренцијата, три високи индекси. Највисокиот го реализираше бекот на гевгелиски Кожув, Декардо Деј, кој на мечот со Работнички освен што ја погоди тројката за победа, оствари и индекс-37.
За 38:18 минути во игра, постигна 35.поени (4/6 за три, 10/20 за два и 3/3 за еден поен). Имаше и осум скока, пет асистенции, две блокади, две загубени и една освоена топка.
Висок број на индексни поени, 35 запиша и Филип Бакоч. Крилото на Навико Академија ФМП на средбата против МЗТ Скопје Уни Банка, реализираше 27.поени (2/7 за три, 8/11 за два и 5/6 за еден поен). Додаде и 16. скока (четири офанзивни), по три асистенции и загубени топки, како и една освоена, сето тоа во 37:28 минути.
Му парираше неговиот нешто помлад соиграч, Леонид Тодоровски. Крилниот центар на „лавовите“ од Кисела вода оствари 30 индексни поени, до кои дојде со дабл-дабл ефект изразен преку реализација на 21.поен (10/16 за два поени), 12 скока, плус три освоени топки, една загубена и едно додавање и блокада.
ПРВА ПЕТОРКА – СУПЕРЛИГА
Роберт Рикиќ (МЗТ Скопје Аеродром) 35
Никола Малешевиќ (Пелистер) 31
Александар Костоски (ТФТ) 26
Александар Тодоровиќ (Гостивар) 23
Дарко Соколов (Еуро Никел 2005) 22
ПРВА ПЕТОРКА – ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА
Декардо Деј (Кожув) 37
Филип Бакоч (Навико Академија ФМП) 35
Леонид Тодоровски (Навико Академија ФМП) 30
Лука Петровски (МЗТ Скопје Уни Банка) 26
Душан Јузбашиќ (Куманово 2009) 23
*Петорките се формирани според бројот на индексни поени