20.05.2022

Доста работи станаа јасни по одигрувањето на претпоследното коло во Суперлигата, и осмото од Плеј-аутот.

ИДЕАЛНИ ПЕТОРКИ – 9.КОЛО СУПЕРЛИГА/8.КОЛО – ПЛЕЈ-АУТ: Ѓекиќ и Димчевски го поттурнаа Еуро Никел 2005 кон плеј-офот

ФОТО: Никола Силаџи (Гостивар) има највисок индекс во 9. коло од Суперлигата

Победата на МЗТ Скопје Аеродром во Гостивар, и поразот на Пелистер во Кавадарци, против Еуро Никел 2005, ги детерминира првите две позиции на табелата.

А голема помош за пласманот на „сино-белите“ на средбата во Гостивар даде Роберт Рикиќ. Највисокиот играч во лигата имаше солиден настап кој го сместува во идеалните пет на 9. суперлигашко коло.

Односно, дабл-дабл од 16.поени и 10.скока, со одлична реализација (7/9 од поле), две асистенции една освоена, и пет загубени топки за нецели 22. минути во игра.

Многу важна победа за кавадарчани со која скоро извесно обезбедија место во доигрувањето, против довчерашниот лидер на табелата, креирана со добра изведба на поголем број на играчи, од кои, макар и за нијанса, се издвојуваат постигнувањата на Бранислав Ѓекиќ и Ивица Димчевски.

Ѓекиќ собра 22 индексни поени откако даде 16.поени (6/11 од поле и 2/2 од линијата за слободни фрлања) плус и шест скока, три асистенции, додека пак како резервист, освен десет поени искусниот бек додаде и девет скока, пет освоени топки, три асистенции за нецели 30.минути на теренот во „Јасмин“

Гостивар загуби во дуелот со МЗТ Скопје Аеродром, но Никола Силаџи има највисок индекс во ова „скромно“, според поединечните остварувања, коло – 23. Силното крило постигна 25.поени (10/15 во шутот од поле), имаше и 11 скока, едно додавање и три загубени топки за 38:32 минути во игра против бранителот на пехарот.

А идеалната петорка се затвора со ефектот на Амир Смит. Крилото на ТФТ беше стандардно добар и на средбата со Феникс 2010. Човекот наречен „дабл-дабл“ не изневери и сега. Даде 13.поени (6/8 од поле), додаде и 11. скока, имаше по една асистенција и украдена и две загубени топки за 25.минути на теренот во СЦ „Јане Сандански“ – за индекс 22.

ПРВА ПЕТОРКА – СУПЕРЛИГА

Никола Силаџи (Гостивар)        23

Бранислав Ѓекиќ (Еуро Никел 2005) 22

Амир Смит (ТФТ)   22

Роберт Рикиќ (МЗТ Скопје Аеродром)         21

Ивица Димчевски (Еуро Никел 2005)           20

ПРВА ПЕТОРКА – ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА

Душан Јузбашиќ (Куманово 2009)     40

Намди Оконкво (Кожув) 32

Ристе Дуев (Кожув)          32

Горан Главчев (Кожув)   31      

Леонид Тодоровски (Навико Академија ФМП)    30

*Петорките се формирани според бројот на индексни поени