Уште едно големо признание доби нашата кошарка, а е поврзано со номинацијата на Игор Митровски за најголемиот собир во европската кошарка – Евробаскетот кој од 1. до 18. септември ќе се одржи во четири европски земји, Чешка, Германија, Грузија и Италија.
Еден од нашите најдобри судии со знакот на ФИБА, е одреден да биде во групата од дваесет т.н. „неутрални судии“ кои ќе се грижат за регуларноста на Европското првенство кое стартува на почетокот на наредниот месец, а ќе се игра во Прага, Тбилиси, Берлин, Келн и во Милано.
Ова не е „новост“ за Митровски, ако се земе в предвид дека учеството на евро-шампионатот ќе биде второ во неговата богата интернационална кариера. Тој беше дел од судискиот кадар и на Европското првенство пред пет години, кое се одржа, исто така, во четири држави: Финска, Израел, Романија и Турција. Но и дел од официјалните лица на Светскиот јуниорски шампионат кој во 2016 година се одржа во шпанската Сарагоса.
Инаку, ова лето, 42.годишниот арбитар веќе беше дел од неколку европски натпреварувања. Судеше на Европското првенство за „мали земји“ во Кипар, до пред некој ден беше дел ид официјалните лица на ЕП од Дивизијата „А“ за кошаркари „под 18“ години во Измир, а нешто порано и дел од судиите на ЕП од Дивизијата „Ц“ кое се одржа во Призрен (Косово).