Прес-конференција на Македонската кошаркарска федерација на ден пред одигрувањето на првиот меч од втората фаза од претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година во Катар.
Пред новинарите во прес-салата на спортската сала во Куманово, каде утре вечер од 20.часот, во распродадената сала, комплетно реновирана, Македонија ќе ја дочека репрезентацијата на Романија, говореа селекторот Марјан Илиевски, и најискусните играчи во нашата селекција, Адем Мекиќ и Џејкоб Вајли.
„Можеби и често се повторувам за овој краток период со истиот заклучок, а тоа е дека имаме многу промени за кратко време. Репрезентацијата е драстично променета, временски кратко сме заедно за да имаме високи очекувања.
Можам само да го истакнам делот, дека сум презадоволен од начинот на кој се тренира и се работи во овој период. Сликата што ја имаме од двете средби со Швајцарија, иако е позитивна, никако не смееме да се потпреме на неа бидејќи не смееме да гледаме на работите еуфорично.
Момците кои се овде, се играчи кои со гордост ќе го носат дресот на Македонија, ќе донесат една нова енергија и се надеваме дека пред полна сала каква што очекуваме, ќе го дадат најдоброто од себе. Она што го имаме како квалитет, енергија, младост, желба за победа, ќе го покажеме на терен“- истакна Илиевски на средбата со новинарите.

Илиевски се осврна и на она што следува во сабота навечер, од 20.часот, дуелот со селекцијата на Романија, со напомена дека клучно ќе биде да се фокусираме на сопствената игра.
„Од она што го имаме како анализа за Романија, ние до десет часа пред да пристигнат, немавме информација дали ќе ииграат со странски кошаркар. Останува дека ќе играат без странец, што сигурно ни значи. Знаеме дека станува збор за играчи кои настапуваат редовно во своите клубови и кои инсистираат на физичка игра. Она на што треба да обрнеме внимание е играта под обрачите, ќе треба да го сопреме центарот Кате, кој е играч со големо искуство и ќе треба да се фокусираме на него.
Сепак, ќе внимаваме и на останатите, но сакам да потенцирам – мораме да се фокусираме на нас, на она што ние треба да го одиграме и да напредуваме. Секако имаме почит за противникот, но ние секогаш ќе се фокусираме на нас и нашата игра“ - додаде македонскиот селектор, и испрати порака до фановите на нашата кошарка.
„Градот Куманово е домаќин на овој град, ова е град што секогаш имал спортски дух, кошаркарски дух, оваа публика знае да процени што е добра кошаркарска атмосфера и таа атмосфера да ја создадат, би бил благодарен да дојдат и да ни дадат максимална поддршка, да бидат наш шести играч и заедно да растеме во оваа оваа приказна“ - потенцираше Илиевски.