Сениорската репрезентација на Македонија вечерва ќе го затвори августовскиот претквалификациски циклус. Во распоредот на натпреварите од групата „Е“ следува дуелот против репрезентацијата на Унгарија.
Погледот на табелата вели дека вечерашниот противник е во најдобра позиција, со обезбедено место во следниот круг. што е и некоја реалност, затоа што Унгарија на теренот потврди дека има и највисок квалитет во оваа конкуренција, со што се сложува и селекторот на нашата репрезентација, Марјан Илиевски. пред реванш-натпреварот кој е закажан за вечерва, од 19.часот, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.
„За екипата на Унгарија, таа е најискусна екипа и игра најдобра кошарка. На оној натпревар во Солнок, тие погодија се, ние имавме лош шут за три поени и вкупно ниски проценти на реализација. Но реков и тогаш, сум задоволен, без никакво правдање на нештата“.
За она што следува вечерва во СРЦ „Кале“, предводникот на нашата најдобра селекција дополнува уште нешто:
„Мечот кој ни е последен, овој со Унгарија, резултатски не значи многу, ниту на нас, ниту на нив, Но ние од самиот почеток кажавме дека секој дуел кој ќе го имаме, па дури и оној на тренинг, меѓу двете петорки, ќе биде од големо значење за сите. Затоа, на секој натпревар гледаме да го извадиме нашиот максимум, па дај Боже и да победиме. На хартија сме помалку квалитетна репрезентација од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме“ - порачува селекторот Илиевски.