25.08.2022

Вечерва во Нествед (19.часот) ги стартуваме натпреварите, гости сме на Данска

Имаме мотиви, имаме и квалитет да ги поминеме претквалификациите! (ВИДЕО)

Може да почне тката во претквалификациите кои носат пласман во оној вистински европски крем – Евробаскетот 2025.

А нашиот најдобар состав кој во овој момент го има на располагање селекторот Алекандар Јончевски ја почнува во Нествед, град кој е 60 километри оддалечен од оној главниот во Данска, Копенхаген.

Вечерва од 19.часот, нè очекува првиот натпревар од вториот круг на претквалификациите за место на Европското првенство планирано да се одржи во 2025 година.

Македонија игра против Данска, а во другиот натпревар на вечерта, Словачка е домаќин на Норвешка во првото коло од групата „Д“ од која по шест одиграни кола во три ФИБА „прозорци“, само најдобрата ќе обезбеди пласман во оние главни квалификациски натпревари.

Свесен е за тоа и селекторот Александар Јончевски за кого нема апсолутни фаворити во ова друштво.

„Можеби имаме неатрактивни ривали во групата, но во никој случај не смееме да ги потцениме. Исто така, сметам дека нема репрезентација која отскокнува со својот квалитет. И дека во голема мерка ќе одлучува постоечкиот мотив присутен кај играчите и кај другиот дел од тимот“ – вели селекторот пред вечерашниот почеток на натпреварите од групата „Д“.

Голем хендикеп во овие два натпревари (вториот е на 28.август против Словачка во Скопје), е недостигот на „сантиметри“ и присуство на странски кошаркар во тимот, што беше пракса во изминатиот период.

„Претходно сме ги имале тие играчи на високите позиции. Но тоа е што е, сите играчи кои се во составот се во функција да го дадат својот максимум на овие два натпревари. Сега размислуваме само за овој вечерашниот, против Данска“.

Андреј Јакимовски е еден од оние од кои се очекува да бидат идните носители на играта на нашиот сениорски состав. Младиот крилен играч очекува позитивен почеток на овие претквалификациски натпревари за пласман на Евробаскетот во 2025 година:

„Очекуваме позитивен резултат на стартот. Имавме доста време да се спремаме, максимално го искористивме периодот за пријателски мечеви и тренинзи и во Данска одиме по победа. Имаме нов селектор, со Александар Јончевски, со кого одлично соработуваме и сите играчи се задоволни. Очекуваме подобра игра, доста побрза игра, таков стил повеќе ѝ одговара на оваа репрезентација. Ние мора да го дадеме максимумот на теренот, само така може да дојдеме до позитивен резултат веќе на овој натпревар“- смета Јакимовски.

ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025 - ВТОР КРУГ

ГРУПА „Д“

ДЕНЕСКА:

18.00: Словачка - Норвешка

19.00: Данска – МАКЕДОНИЈА

ЛИНК ЗА LIVESTREAM:

https://youtu.be/1CKLjSoTeWM