30.06.2020

Тажен ден за ФИБА семејството

IN MEMORIAM: Почина поранешниот претседател на ФИБА, Абдулај Сеје Моро

На своја 90. годишна возраст, почина поранешниот прв човек на Светската кошаркарска организација – ФИБА, Абдулај Сеје Моро.

Г-динот Моро беше осмиот претседател на ФИБА. На таа функција беше во периодот од 1998 до 2002 година, откако претходно четири години беше потпретседател на ФИБА.

Во својата кошаркарска кариера беше и судија со знакот на ФИБА, судеше на Мундобаскетот во 1975 година, а после 1998 година, Сенегалецот пет години беше и прв човек на ФИБА-Африка, и предводник на националната кошаркарска федерација на Сенегал.

Откако се пензионираше од кошаркарските активности, неговата последна задача беше организација на Централниот Борд на ФИБА, лани во Абиџан, прв во кошаркарската историја кој се одржа на африканскиот континент.