13.08.2021

„Челенџерот“ за кошаркари „Под 16“ години во Скопје, без репрезентациите на Македонија и Грција

Информација до јавноста

Репрезентациите на Македонија и на Грција нема да учествуваат на претстојниот ФИБА „Челенџер“ турнир за кошаркари „Под 16“ години, кој од 16. до 21. август ќе се одржи во Скопје.

Во изминатиот период, раководството на федерацијата беше во постојан контакт со со Светската кошаркарска федерација во врска со проблемот кој настана со присуството на корона вирусот кај дел од кандидатите за настап на овој исклучително силен турнир во организација на ФИБА, а „домаќинство“ од страна на нашата федерација, трето во текот на изминатиот период.

Освен тоа, спортскиот директор на нашата федерација, Тодор Гечевски беше, односно е во постојан контакт со момчињата кај кои беше констатирано присуство на вирусот. Работите се движат во позитивна насока, кај заразените не се појавени некои посериозни симптоми со кои би било нарушено здравјето на младите кошаркари.

Сите се во добра здравствена состојба.

Со оглед на кусиот временски период, и невозможноста за максимално посветување на обврските кои следуваат во петте натпреварувачки денови на „Челенџерот“, одлучено е настапите на нашата селекција да бидат откажани.

Истото се однесува и за селекцијата на Грција за кошаркари „Под 16“ години. Поради истите проблеми, ниту селекцијата на нашиот јужен сосед нема да допатува во Скопје и да ги одигра петте натпревари од групата „А“ на ова натпреварување.

Во мошне краток временски период, ФИБА ќе подготви нов распоред на натпреварите во ова група во која по овие откажувања ќе се натпреваруваат репрезентациите на Франција, Русија, Литванија и Романија.

Во меѓувреме, федерацијата постојано ќе ја следи ситуацијата со кошаркарите кај кои беше забележано  присуството на вирусот.

Здравјето на младите кошаркари е пред сè!