15.05.2024

Одговор на комесарот за натпреварување Александар Милојевиќ, во врска со наводите од страна на КК „Работнички АД“ - Скопје

Информација до јавноста

Македонската кошаркарска федерација сака да ја информира спортската, особено кошаркарската јавност, поврзано со реакциите кои во јавноста ги изнесе КК „Работнички АД“ - Скопје, а по повод случувањата на третиот натпревар од полуфиналето на плеј-офот, помеѓу екипите на КК „Пелистер АД“ – Битола и КК „Работнички АД“ – Скопје, одигран на 10.мај во Битола.

И уште еднаш да потенцираме дека, како и сите години, сезони, наназад, завршницата на државниот шампионат сакаме да протекне максимално регуларно, во која шанса за успех имаат сите клубови-екипи кои се избориле за право на настап во доигрувањето, односно во плеј-офот. Сме се залагале, и истиот концепт важи и сега, за комплетна неутралност, а со една единствена намера, да победи навистина најдобриот!

Истото се однесува и за КК „Работнички АД“ – Скопје, клубот кој секогаш важел и се однесувал како вистински промотер на македонската кошарка, бил двигател на квалитетот на кошарката, и настојувал секогаш да биде најдобар или во друштвото на најдобрите.

Помалку иронично делува фактот, кој вели дека истите тие кои сега, извесно, со голема доза на разочараност од одлуките на комесарот за натпреварување, извесно, целат оваа серија да се доигра „пред празни трибини“, односно без присуство на публика во Битола, пред извесно време, повторно беа незадоволни, но поради тоа што не им било дозволено да присуствуваат на завршницата од Купот на Македонија, одржан исто така во спортската сала „Боро Чурлевски“!?

На нивните „забелешки“, следува и конкретен одговор, од страна на комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ:       

Почитувани,

Со оглед дека бев директно прозван од ваша страна, како КК „Работнички АД“-Скопје, клуб кој во своето долго постоење бил промотер на македонската кошарка, и клуб кој отсекогаш се залагал победникот да биде решен на терен, а не до победата да дојде по „службен пат“, што искрено, се надевам дека такви размислувања не постојат, би сакал да ви одговорам на поставените прашања, а согласно член 20, алинеја 1 од Правилникот за работа на комесарот за натпреварување при КФСМ, во рамките на моите надлежности, и да ја дадам следната изјава:

„Во врска со посочениот натпревар помеѓу екипите на КК „Пелистер АД“ и КК „Работнички АД“, а согласно членот 17 од истоимениот правилник, jас како комесар за натпреварување го регистрирав истиот во предвидениот рок, согласно пропозициите и правилникот за натпреварување, а по добивањето на извештаите од службените лица, дополнителни извештаи и изјави.

Со оглед на тоа дека во некои медиуми беше објавено видеото од вербалниот напад на комесарот за безбедност на КК „Пелистер АД“ врз службените лица на натпреварот (судии и делегат), поточно кон еден судија, за што истиот/те инцидентот го потврдува/ат, во рамките на своите надлежности, согласно членот 18 од Правилникот за работа на комесарот за натпреварување, во одмерување на казната, постапив согласно членот 2.2 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги. Односно, применети се членовите од Дисциплинскиот правилник на КФСМ.

Доколку имало остварен физички контакт врз службените лица (судија или делегат) на што и алудирате, ве уверувам, а согласно членот 43.6.5 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги, натпреварот би бил прекинат веднаш, без продолжение, за што одлука би донел првиот судија. Екипата на КК „Пелистер АД“ би била одговорна за прекинот и би го изгубила натпреварот со службен резултат (20:0).

Судиите и делегатот го потврдуваат истото во своите изјави, односно извештај.

Со оглед на тоа дека по завршетокот на интервалот за игра, службените лица излегле на теренот за игра, односно полувремето, и го отсудиле натпреварот до крајот, се потврдува дека немало никаков остварен физички контакт врз нив.

Во врска со вашето тврдење дека јас како комесар за натпреварување имам различни аршини во решавањето на исти ситуации, алудирајќи на натпреварот КК „Чаир 2030 АД“ и КК „МЗТ Аеродром Скопје АД“, одигран на 14.март, 2024 година, ве потсетувам:

За време на интервалот за игра, односно полувремето од натпреварот,  екипата на КК „МЗТ Скопје Аеродром АД“ тврдеше дека бил нападнат нивниот помошен тренер. Екипата на КК „Чаир 2030“ првично, го негираше истото. Но на состанокот кој следуваше наредниот ден, а на кој присуствуваа претставниците на двата клуба, потврдија дека имало туркање, но со меѓусебни обвинувања, од типот, ‘кој прв почнал’.

За истото, до ден-денес, немам никаков доказ (видео-материјал) како вашиот од натпреварот со екипата на КК „Пелистер АД“, за да може да донесам одлука согласно членот 18 од Правилникот за работа на комесарот за натпреварување.

На натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, никој од присутните навивачи, не влегол во службените простории, туку службено лице на КК Пелистер АД“ – Битола, комесар за безбедност, за што истото е соодветно казнето согласно со Дисциплинскиот правилник на федерацијата.

Од нашиот видео-материјал со кои ние, како КФСМ, располагаме, се гледа само дека во подтрибинскиот простор влегуваат гледачи, кои се сместени во ВИП ложите кои салата „Шабан Трстена“ тогаш ги имаше.

Кој, над кого, и дали остварил физички контакт, апсолутно не може да се види! Единствено што службените лица (судии и делегат) забележале од пред записничката маса, е турканица во тој дел од салата.

Во таа ситуација, екипата на КК „МЗТ Скопје Аеродром “ одби да го доигра натпреварот.

Потоа, согласно членот 43.6.3 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги, првиот судија заедно со делегатот на натпреварот, одлучија да го прекинат натпреварот.

Да ве потсетам, по истиот член од Пропозициите за натпреварување, при обид за физички напад од страна на гледачи врз играчи, службени лица, или меѓу самите гледачи, службените лица (судии и делегат), должни се натпреварот да го доиграат по делумно или потполно празнење на салата.

Доколку нема услови за продолжување, како што беше во таа ситуација, натпреварот се одигра во наредните 24 часа, без присуство на публика, со време и резултат од моментот на прекинот, што е и направено.

Натпреварот не е преигран како што вие велите!

И на крај, а согласно членот 10 од Правилникот за работа на комесарот, јас сум должен да ги почитувам и да работам согласно Правилникот за натпреварување, Пропозициите за натпреварување, како и другите акти на КФСМ и ФИБА.

Сум работел, работам и ќе работам чесно, совесно, одговорно и непристрасно, во секоја прилика, штитејќи ги единствено интересите на КФСМ и на македонската кошарка. И нема да ги делам клубовите по ниту еден основ!

Поздрав,

Александар Милојевиќ

Комесар за натпреварување