Она што беше најавено пред крајот на минатата недела, во текот на вчерашниот ден доби официјална потврда. Српскиот стручњак Драган Бајиќ е нов селектор на македонската сениорска репрезентација, а вчера е претставен на прес-конференција во организација на нашата федерација
Бајиќ се осврна на своите планови во иднина и се заблагодари на можноста да ја води репрезентацијата на Македонија.
Колку сте запознат со македонската кошарка во моментов, особено со она со што располага македонската репрезентација?
„Работејќи како тренер во регионот веќе подолго време, а со оглед на тоа што МЗТ Скопје игра во АБА натпреварувањата, доста добро ја познавам македонската кошарка и голем дел од играчите кои конкурираат за место во репрезентацијата. Секако дека немав доволно време да ги запознаам сите кошаркари, односно оние кои играат во домашното првенство, но во следниот период ќе се посветам на тоа.“
Ги следевте ли последните квалификациски дуели и што е тоа што ви остави посебен впечаток?
„Поради други обврски, во клубот околу АБА и Лигата на шампионите, немав доволно време да ги проследам тие натпревари, но мислам дека Македонија имаше голема шанса да се пласира на Европското првенство. И мојот претходник Александар Тодоров, кого јас многу го почитувам како стручњак, имаше најдобри намери, но за жал, за малку не беше остварена целта.“
Ќе го продолжите ли процесот на подмладување на репрезентацијата што го почна вашиот претходник?
„Се разбира, тоа мора да биде приоритет во националниот тим бидејќи само така можеме да се надеваме на подобра иднина. Секоја друга политика може да биде погубна, а јас како селектор, ќе се обидам со добра работа и добри тренинзи, да им помогнам на тие млади кошаркари што побрзо да созреат и да бидат носители на играта во репрезентацијата“
Од она што го знаете, какви ни се шансите за пласман на Светското првенство?
„Рано е сега да се зборува за тоа, јас никогаш не гледам два чекора напред. Не ги знаеме противниците ни во претквалификациите, дури потоа можеме да зборуваме и да правиме планови на таа тема.Главна цел во моментов треба да ни биде да ги поминеме претквалификациите по што ќе се насочиме на главните квалификации за Светскиот Куп.“
Што се однесува околу натурализираните кошаркари, дали ќе продолжите да го користите Џејкоб Вајли или имате други планови?
„Низ разговорите со луѓето од Федерацијата, дознав дека се работи за еден квалитетен играч и добро и чесно момче. Ќе ја следам ситуацијата и со него и со останатите кошаркари и ќе видиме на кои позиции ќе бидеме дефицитарни, па така ќе одлучиме кое ќе биде странското засилување.“
Која беше причината поради која ја прифативте понудата да бидете селектор на Македонија, ако се знае дека немате претходно селекторско искуство и дали можете да одговорите на двата предизвика (да ја водите Игокеа и да бидете селектор)?
„На секој тренер, круна на кариерата му е да биде селектор на една репрезентација. Јас ја добив таа можност и секако дека ми е голема чест и задоволство, особено бидејќи станува збор за Македонија. Ја сакам оваа држава, го сакам Скопје и навистина ќе ми биде голем предизвик. Одлуката ја донесов и поради некои резултати на репрезентацијата од поблиското минато и се надевам дека ќе успееме да ги повториме.“
Сте размислувале ли кој ќе биде дел од вашиот стручен штаб, односно дали ќе се потпрете на помошниците на Тодоров или ќе донесете свои соработници?
„На таа тема зборувавме и на прес-конференцијата. Со одобрение на луѓето од федерацијата, ќе донесам еден мој близок соработник, а останатите помошници ќе бидат Македонци. Засега не можам да кажам кои ќе бидат тие, во следниот период заеднички ќе одлучиме.“- заврши Бајиќ.