НАПОМЕНА: Интервјуто комплетно е преземено од ЕКИПА.МК
Мина нешто повеќе од една година откако Перо Антиќ го наследи Петар Наумоски на чело на КФСМ. Единствениот Македонец со искуство во НБА-лигата експресно се адаптираше на новата улога по завршувањето на кариерата, задоволен е од сработеното, но и свесен дека пред него е уште многу напорна работа.
„Наша цел е да се врати кошарката каде што заслужува, да исполниме што повеќе од програмата што ја презентиравме при доаѓањето и мислам дека се движиме во вистински правец. Бевме изненадени кога претходното раководство предвреме наплати од ФИБА половина од парите за организација на ЕП, а на сметката ни остави само 3.000 евра, но сите сме со став да не се враќаме наназад туку само да гледаме напред и да ја направиме што посветла иднината на македонската кошарка. Направени се чекори напред на многу полиња и верувам дека се движиме во вистински правец.Не би сакал да навлегувам во детали бидејќи тоа ќе биде наведено во извештајот што ќе го доставиме на Собранието на КФСМ, не сакам дотогаш сето она што е сработено да го пласирам преку медиумите“, го почнува Антиќ разговорот за ЕКИПА.
Следниот посериозен проект е посветен на развојот на младинската кошарка.
„Она што е следно за нас е „Џуниор НБА“ проектот што би требало да се официјализира наскоро, во соработка со Џеремаја Босвел, мој личен пријател, но и пријател на македонската кошарка бидејќи има настапувано во неколку наши клубови како играч. Тоа ќе биде проект кој ќе овозможи уште поголем напредок на младите кошаркари во земјава. Искрено жалиме што не се одржа ЕП за млади кошаркари што летово требаше да се игра во Скопје, во одлични односи сме со ФИБА Европа и очекуваме да бидеме домаќини на овој шампионат следната година“, вели првиот човек на КФСМ.
Според него, кошарката се движи во позитивна насока, лигата во изминатата сезона бележеше скок на квалитетот, а очекува допрва уште повеќе шанси да добиваат помладите македонски кошаркари.
„Генерално гледано оваа сезона ни беше една од најинтересните подолги години наназад. Имаше бројни интересни натпревари, кулминација требаше да биде Супер-лигата и плејофот, но за жал се случи пандемијата на корона што целосно го парализираше спортот. Секако дека има простор за напредок, но гледам еден позитивен тренд, домашни играчи кои напредуваат и добиваат шанса. Не може да се создаде сериозна лига без странски кошаркари, не само кај нас туку и во една Турција, Шпанија и други европски земји, но ме радува што и домашните играчи добиваат шанса да покажат колку вредат. Многу е важно помладите кошаркари да играат, да бидат лидери во своите тимови, доста чекаме играчи на 25-26 години да созреат“, порачува Перо Антиќ.
Еден од они кои гласно го критикуваа во изминатиот период беше поранешниот селектор Јорданчо Давитков, кој раководеше со националниот тим во претходните квалификациски циклуси.
„Сакам една работа да биде јасна – ние како раководство не го отпуштивме Јорданчо Давитков, тој имаше договор до СП во Кина и ние едноставно решивме да ангажираме нов стратег за предводник на репрезентацијата. Еве првпат ќе откријам, по нашето именување на чело на федерацијата тој дојде на состанок и му соопштивме дека нема да брзаме со одлуката за селектор бидејќи има доволно време до следните квалификации. Неговиот одговор беше „Јас сум многу добар со некои важни луѓе, ќе се обратам кај големите. Не знам на кого мислеше, но еве ќе прашам колку сето тоа има врска со спортот. Тоа е тоа што не краси како Балканци, да фрлиме се во вода…“, открива Антиќ.
Тој обелоденува и дека разговарал со уште неколку домашни стратези пред да го избере Александар Тодоров за нов предводник на националниот тим.
“Прв избор ни беше Емил Рајковиќ, стратег за кого имаме исклучително високо мислење, но тој веднаш се заблагодари на довербата и не извести дека во договорот со Астана има клаузула дека паралелно со тоа ќе биде и кормилар на репрезентацијата на Казахстан. Разговаравме и со Алек Јончевски, потоа и со Марин Докузовски, извесно време Докузовски беше опција и за советник, за на крајот да седнеме и да се договориме со Александар Тодоров. Тој е стратег со реноме кој работи во странство и ја има нашата поддршка без оглед на слабиот старт на квалификациите, за да го заврши процесот на подмладување на националниот тим“.
Најреномирано име од сите беше Октај Махмути, стратег со евролигашко искуство со кого се разговараше подолго време, но на крајот сепак не беше постигнат договор.
„Со Махмути исто така разговаравме за тој да биде вклучен во македонската кошарка, станува збор за врвен стратег кој е роден во Скопје. Сепак, не се договоривме, не толку од финансиски аспект, колку поради честите превирања и конфликти на целокупната кошаркарска сцена. Јас имам највисоко мислење за Махмути и верувам дека тој во иднина треба да биде вклучен во македонската кошарка, ако не како селектор, тогаш како некој национален координатор кој би ги пренел своите искуства и би помогнал да направиме уште еден чекор напред“, вели Перо Антиќ.
Без оглед на двата порази на стартот од квалификациите, Антиќ смета дека шансите за пласман на Евробаскет 2021 не се загубени.
„Јас сум по природа оптимист и верувам дека овие квалификации не се загубени. Го избравме потешкиот пат, но верувам дека може да се изоди. Пред нас се уште четири средби во кои ќе мораме да покажеме сплотеност. Ме видовте на мечот со Естонија, гледав од прв ред, имаше критики дека сум скокал и реагирал по судии, но јас сум таков, знам што значи сплотеност и настојувам тоа да го пренесам врз момците што играат за националниот тим. Не ми пречи, трпам критики, но крајна цел ми е да се создаде една нова генерација што со години со успех ќе го носи репрезентативниот дрес“.
Антиќ во последните два месеци е во „војна“ со МЗТ Скопје, поради барањето на „металците“ да им биде доделена титулата, откако КФСМ ја прогласи сезоната за завршена без да именува шампион.
„Лично сум разочаран од МЗТ Скопје бидејќи никој од клубот не дојде овде да седне, да разговара, туку следеше препукување преку соопштенија. Она што јас го знам, што ми е кажано, е дека тие толку жестоко ја бараат титулата само поради притисокот од навивачите, но треба да им е јасно дека нашата одлука е максимално коректна. МЗТ ќе ги има сите можни бенефиции што може да ги има еден шампион, јас без оглед на се секојдневно ургирам за да добијат влез во АБА1, бидејќи тоа е за заедничко добро на македонската кошарка. Срамота е луѓе на функција во клубот, сите знаат за кого зборувам, да користат таков речник и преку социјални мрежи да „плукаат“ и по федерација и по сите нас поединечно. Дојде еден пријател и ме повика да се смирам со МЗТ Скопје. Па како може да се смирам со некого што не сум се ни скарал, јас не сум се ни налутил на овој клуб. Кошарката е над Перо Антиќ, над КФСМ и над било кој клуб“, вели Антиќ.
Воедно, тој има и порака до раководството на аеродромскиот клуб.
„Дајте нека завршат тие детски приказни, фејсбуци, инстаграми, коментирање… зошто да не се дојде и во четири очи да се седне и да се дискутира за проблемот. Најлесно е луѓе да стигнат до некоја функција, преку пријатели, дедо, тато и удри, удри, удри… Тоа не уништува, 20 години го гледам истото, сега се борам против истото. Можеби им пречи што гласно им порачав дека федерацијата е отворена за сите, зборуваат за истрага на Антикорупциска, нека повелат да дојдат и да се уверат дека нашето раководење со КФСМ е стопроцентно согласност правилата. Не сме тука за пари, платата ни е идентична како и на претходното раководство, што е помалку од огромен дел од кошаркарите во Првата лига, а нели ние треба да сме лидери и функционери. Не се жалиме, сметаме дека тоа е исправно бидејќи за нас ова не е прашање на пари, туку на работа што ја сакаме, да помогнеме кошарката да се врати онаму каде што припаѓа“, дециден е Антиќ.
Воедно, претседателот демантира и дека е „симпатизер“ на Работнички и на Гостивар.
„Мене ме ставаат во коалиција со Работнички и со Гостивар. Еден тренер на Гостивар е суспендиран на две години, Работнички нема ниту еден тренер што е вклучен во нашите програми. Тоа е доволен доказ дека обвинувањата се само празни зборови. МЗТ имаше долгови со потпишан договор за активирање на блокада на нивната сметка, бидејќи го пропуштија рокот. Ние не го активиравме тој налог, напротив, им дадовме уште време да го вратат она што се должи“.
Тој открива и детали од плановите за новата регионална лига, за која сепак се чини дека е нереално да стартува од претстојната сезона.
„Станува збор за интересен проект што се уште е во почетна фаза. Не можам да кажам дури ни дека се преговори, ова се почетни разговори. Идејата е да се соберат екипи, по три од Македонија и од Бугарија и две од северна Грција, така што и патувањата не би биле долги. Сепак, постојат многу фактори, еден од нив е и короната, па не знам колку ќе биде изводливо се да се финишира за почетокот на наредната сезона. Она што мене искрено ме израдува е што голем дел од македонските прволигаши покажаа сериозен интерес да бидат дел од ова натпреварување“, обелоденува претседателот на КФСМ.
Повеќе од еден месец трае процесот на собирање потписи на „кошаркарската опозиција“ желна за да го смени Антиќ од врвот на КФСМ. Тој сепак е убеден дека ќе остане, обелоденувајќи дека дел од таа „опозиција“ е и неговиот претходник Петар Наумоски.
„Некои работи не ми се разбирливи. Искрено, не ми е јасно од каде се мотивите за толкава борба, па во оваа држава не се борат толку за премиерска функција колку за прв човек на кошаркарската федерација. Јас имам докази како Петар Наумоски во 10 часот наутро заедно со Будимир Јоловиќ и со претставник на второлигашот КК Ангели влегуваат во АМС на средба со директорот Каевски, на состанок закажан токму за ковање стратегија за смена во КФСМ. Зарем тоа е поентата, пак да се вратиме на истото, на она што клубовите го изгласаа како нешто што не беше добро за мак-баскетот. Разговарав со Дарко Каевски и искрен како и секогаш му порачав – не ме интересираат неговите конекции со претходното раководство, овде не сме за јас и тој да се сакаме, овде сме за спортот да оди напред. Тоа е моето размислување, а според неговото сепак добивме многу помалку средства од она што го добиваа оние кои пред нас раководеа со оваа федерација. Сепак, ние остануваме на нашиот пат да ја развиваме кошарката и убеден сум дека ја имаме поддршката од голем дел од клубовите“, оптимист е за иднината Перо Антиќ.