Исто место, исто време, еден месец подоцна: Време е за вториот 3х3 турнир од зимската лига.
Првиот турнир, неколку дена пред крајот на 2020 година, помина со баскетџиите на Dust Caffe во центарот на вниманието. Ервин Цого, Христијан Ристов, Милорад Миновски и Марко Дујковиќ ги оставија останатите единаесет екипи зад себе триумфирајќи над Ангели Терминатори во финалето, односно нивниот добро познат ривал Баду 3х3 и Водно Санс како последни противници во нокаут фазата.
Покрај „Dust Caffe“, „Ангели Терминатори“, „Баду 3х3“, „Водно Санс“, „Капетани“, „Синдикат“, „Змајеви“, „Brotherhood Alpha“, „Проект 3х3“, „Терминатори 3х3“, „3х3 Аеродром“ и „3x3 Lincetis“ кои учествуваа на првиот турнир, неколку нови екипи ќе се обидат да покажат кој е најдобар баскетџија во Македонија на вториот турнир - „Godsent GS“, „Razorbacks 3x3“, „3x3 Битола“, „Bad Boys“ и „Битола Медика Карта“.
Идентично како и првиот турнир, така и вториот ќе се одржи во СРЦ „Кале“ (голема сала). Утре (недела 4.јануари) екипите ќе се надигруваат на два коша, а семафорите ќе започнат да одбројуваат во 12:00 часот.
Зимскиот шампион ќе добие парична награда во висина од 2.000 евра и слот за Challenger, второпласираниот ќе добие парична награда во висина од 1.000 евра, а третопласираниот ќе добие парична награда во висина од 500 евра. Сите турнири од зимската лига ќе бидат FIBA Endorsed.
Сите турнири ќе бидат одиграни согласно општите протоколи за заштита и превенција од ширење на COVID-19. Сите учесници на организација и спроведување на натпревари должни се да се придржуваат на сите пропишани мерки и донесени протоколи на Владата, кои се однесуваат на спречување и ширење на заразни болести со вирусот.
- Мерење на температура на сите лица кои влегуваат во сала (играчи, официјални лица, лица од организација).
- Задолжителна дезинфекција при влез во сала, пред влегување на терен и по излегување од терен. Сета опрема за игра се дезинфицира по секој одигран натпревар;
- Носење на заштитна опрема (маска, шал, марама) е ЗАДОЛЖИТЕЛНО за сите присутни во салата, освен за играчите и судиите додека се на терен;
- Сите турнири се одигруваат без присуство на публика;
- Забранета е употребата на соблекувалните за цело време пред, во тек и по натпреварот. Секоја екипа ќе има посебно означено место на трибините каде ќе може да ги остави своите лични предмети додека игра на терените;
- Секој учесник во натпреварувањето, пред почеток на натпреварувањето е должен да потпише изјава со која ги прифаќа мерките одредени со општите владини протоколи;