Првиот официјален меч во историјата на Суперкупот е одигран во 1997 година, актерите се вечните ривали во македонската кошарка
По пауза од пет години, лани, Македонската кошаркарска федерација продолжи една убава традиција, како вовед во новата сезона, да се играат натпреварите од Суперкупот, кој го носи името на прославениот тренер Драган Василов - Цевка.
Што вели историјатот на ова натпреварување?
Вели дека првиот натпревар од Суперкупот е одигран во 1997 година. Во натпреварот кој одлучуваше кој од двете екипи ќе ја претставува Македонија во Еврокупот, се сретнаа екипите на МЗТ Скопје и Работнички.
Победи екипата од „Јане Сандански“, која има и најмногу освоени одличја низ годините кои следуваа(т).
МЗТ Скопје има пет трофеи во ова натпреварување затоа што победуваше и во 2003 година, како и на последните три одиграни натпревари. Во 2015 година, кога беа подобри од Работнички, и во 2016 година, на мечот во Скопје, каде го совладаа Карпош Соколи 2000. Истото, популарните „металци“ го повторија и во ланското издание на ова натпреварување, кога стигнаа до минимален триумф (78:77) против својот вечен ривал – во сите натпреварувања - Работнички
А „црвено-белите“ од „Градски парк“ го освојуваа пехарот во Суперкупот во 2001 (против Никол Ферт) и во 2011 година, кога беа подобри од екипата на Фени Индустри.
Два трофеи има и Никол Ферт. Некогашниот македонски шампион беше победник во 2000 година. А клубот од Гостивар славеше и две години подоцна (во мечот против Работнички).
Со титулата победник во Суперкупот на Македонија може да се пофали и екипата на Струмица, која победи во 2007 година, кога беше подобра од скопски Вардар, тогашниот освојувач на Купот на Македонија.
Историјата вели дека ова натпреварување е прекинувано во четири наврати.
Не се играа натпревари во 2004, 2005 и 2006 година, потоа и во 2008, 2009 и 2010 година, како и во 2012, 2013 и во 2014 година, и од 2017 до 2020 година.
Во среда навечер, во СРЦ „Кале“, ќе го добиеме десеттиот победник во ова натпреварување во машка конкуренција.
А по втор пат, ќе имаме и победник на Суперкупот во женскиот сегмент. За новиот трофеј ќе се борат двете најдобри екипи во ланската сезона, освојувачот на Купот, екипата на Баскет Кам 2011 и скопски Бадел 1862, кој му го одзема шампионскиот примат на тимот од Македонска Каменица, финалистот во двете натпреварувања за минатата сезона. А „баделки“ се и бранители на трофејот во ова натпреварување откако во премиерното издание беа подобри токму од Баскет Кам 2011 со (88:72).
Овој натпревар е закажан за 17. часот, исто така со директен пренос на МРТ 3.
Нешто подоцна, од 19.30 часот ќе се игра натпреварот во машка конкуренција, МЗТ Скопје Аеродром-ТФТ
СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА „ДРАГАН ВАСИЛОВ – ЦЕВКА“
ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ-МАЖИ:
2000: Никол Ферт - Гостивар
2001: Работнички - Скопје
2002: Никол Ферт - Гостивар
2003: МЗТ Скопје - Скопје
2004, 2005, 2006: не се одржа
2007: Струмица 2005 - Струмица
2008, 2009, 2010: не се одржа
2011: Работнички - Скопје
2012, 2013, 2014: не се одржа
2015: МЗТ Скопје Аеродром - Скопје
2016: МЗТ Скопје Аеродром - Скопје
2021: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
2022: ???
ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ-ЖЕНИ:
2021: Бадел 1862 - Скопје
2022: ???