21.09.2023

Традицијата продолжува, за вовед во сезоната, Баскет Кам 2011 ќе го брани трофејот против ланското изненадување – МЗТ Скопје Аеродром

Историјат на Суперкуп „Драган Василов-Цевка“ 2023: МЗТ Скопје Аеродром атакува на шесттиот трофеј, Феникс 2010 го бара првиот...

По пауза од пет години, пред две години, Македонската кошаркарска федерација продолжи една убава традиција, како вовед во новата сезона, да се играат натпреварите од Суперкупот, кој  го носи името на прославениот тренер Драган Василов - Цевка.

Што вели историјатот на ова натпреварување?

Вели дека првиот натпревар од Суперкупот е одигран во 1997 година. Во натпреварот кој одлучуваше кој од двете екипи ќе ја претставува Македонија во Еврокупот, се сретнаа екипите на МЗТ Скопје и Работнички.

Победи екипата од „Јане Сандански“, која има и најмногу освоени одличја низ годините кои следуваа(т).

МЗТ Скопје има пет трофеи во ова натпреварување затоа што победуваше и во 2003 година, како и на последните четири одиграни натпревари.

Во 2015 година, кога беа подобри од Работнички, и во 2016 година, на мечот во Скопје, каде го совладаа Карпош Соколи 2000. Истото, популарните „металци“ го повторија и во ланското издание на ова натпреварување, кога стигнаа до сигурен триумф (100:82) против дебитантот во ова натпреварување – екипата на ТФТ од Скопје.

Инаку, „црвено-белите“ од „Градски парк“ го освојуваа пехарот во Суперкупот во 2001 (против Никол Ферт) и во 2011 година, кога беа подобри од екипата на Фени Индустри.

Два трофеи има и Никол Ферт...

Некогашниот македонски шампион беше победник во 2000 година. А клубот од Гостивар славеше и две години подоцна (во мечот против Работнички).

Со титулата победник во Суперкупот на Македонија може да се пофали и екипата на Струмица, која победи во 2007 година, кога беше подобра од скопски Вардар, тогашниот освојувач на Купот на Македонија.

Историјата вели дека ова натпреварување е прекинувано во четири наврати.

Не се играа натпревари во 2004, 2005 и 2006 година, потоа и во 2008, 2009 и 2010 година, како и во 2012, 2013 и во 2014 година, и од 2017 до 2020 година.

Во сабота навечер, во СРЦ „Кале“, ќе го добиеме единаесеттиот победник во ова натпреварување во машка конкуренција.

А по трет пат, ќе имаме и победник на Суперкупот во женскиот сегмент. За новиот трофеј ќе се борат двете најдобри екипи во ланската сезона, освојувачот на Купот, екипата на МЗТ Скопје Аеродром и шампионот, Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица.

А кошаркарките на Баскет Кам 2011 се и бранители на трофејот во ова натпреварување откако во ланското издание беа подобри екипата на Бадел 1862 совладувајќи ја со резултат (69:61).

Овој натпревар е закажан за 17. часот, со директен пренос на МРТ 3.

Нешто подоцна, од 19.30 часот ќе се игра натпреварот во машка конкуренција, во кој МЗТ Скопје Аеродром за противник има уште една дебитантска екипа во ова натпреварување, Феникс 2010 од Скопје.

СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА „ДРАГАН ВАСИЛОВ – ЦЕВКА“

ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ-МАЖИ:

2000: Никол Ферт - Гостивар

2001: Работнички - Скопје

2002: Никол Ферт - Гостивар

2003: МЗТ Скопје - Скопје

2004, 2005, 2006: не се одржа

2007: Струмица 2005 - Струмица

2008, 2009, 2010: не се одржа

2011: Работнички - Скопје

2012, 2013, 2014: не се одржа

2015: МЗТ Скопје Аеродром - Скопје

2016: МЗТ Скопје Аеродром - Скопје

2021: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2022: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2023: ???

ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ-ЖЕНИ:

2021: Бадел 1862 - Скопје

2022: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица

2023: ???