25.09.2024

Традицијата продолжува, за вовед во сезоната, Баскет Кам 2011 ќе го брани трофејот против  – МЗТ Скопје Аеродром

Историјат на Суперкуп „Драган Василов-Цевка“ 2024: МЗТ Скопје Аеродром по седмиот трофеј, Пелистер го „брка“ првиот...

По пауза од пет години, пред три години, Македонската кошаркарска федерација продолжи една убава традиција, како вовед во новата сезона, да се играат натпреварите од Суперкупот, кој  го носи името на прославениот тренер Драган Василов - Цевка.

Што вели историјатот на ова натпреварување?

Вели дека првиот натпревар од Суперкупот е одигран во 1997 година. Во натпреварот кој одлучуваше кој од двете екипи ќе ја претставува Македонија во Еврокупот, се сретнаа екипите на МЗТ Скопје и Работнички.

Победи екипата од „Јане Сандански“, која има и најмногу освоени одличја низ годините кои следуваа(т).

МЗТ Скопје има шест трофеи во ова натпреварување затоа што победуваше и во 2003 година, како и на последните пет одиграни натпревари.

Во 2015 година, кога беа подобри од Работнички, и во 2016 година, на мечот во Скопје, каде го совладаа Карпош Соколи 2000. Истото, популарните „металци“ го повторија и во прекланското издание на ова натпреварување, кога стигнаа до сигурен триумф против дебитантот во ова натпреварување – екипата на ТФТ од Скопје.

Инаку, „црвено-белите“ од „Градски парк“ го освојуваа пехарот во Суперкупот во 2001 (против Никол Ферт) и во 2011 година, кога беа подобри од екипата на Фени Индустри.

Два трофеи има и Никол Ферт...

Некогашниот македонски шампион беше победник во 2000 година. А клубот од Гостивар славеше и две години подоцна (во мечот против Работнички).

Со титулата победник во Суперкупот на Македонија може да се пофали и екипата на Струмица, која победи во 2007 година, кога беше подобра од скопски Вардар, тогашниот освојувач на Купот на Македонија.

Историјата вели дека ова натпреварување е прекинувано во четири наврати.

Не се играа натпревари во 2004, 2005 и 2006 година, потоа и во 2008, 2009 и 2010 година, како и во 2012, 2013 и во 2014 година, и од 2017 до 2020 година.

Во сабота навечер, во СРЦ „Кале“, ќе го добиеме дванаесеттиот победник во ова натпреварување во машка конкуренција.

*А по четвртти пат, ќе имаме и победник на Суперкупот во женскиот сегмент. За новиот трофеј ќе се борат двете најдобри екипи во ланската сезона, шампионот, Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица, и финалистот на Купот, екипата на МЗТ Скопје Аеродром.

Кошаркарките на Баскет Кам 2011 се и бранители на трофејот во ова натпреварување откако во ланското издание беа подобри од екипата со која ќе ги одмерат силите и овој викенд (натпреварот стартува од 17.часот, со директен пренос на МРТ3).

СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА „ДРАГАН ВАСИЛОВ – ЦЕВКА“

ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ-МАЖИ:

2000: Никол Ферт - Гостивар

2001: Работнички - Скопје

2002: Никол Ферт - Гостивар

2003: МЗТ Скопје - Скопје

2004, 2005, 2006: не се одржа

2007: Струмица 2005 - Струмица

2008, 2009, 2010: не се одржа

2011: Работнички - Скопје

2012, 2013, 2014: не се одржа

2015: МЗТ Скопје Аеродром - Скопје

2016: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2017, 2018, 2019, И 2020: не се одржа

2021: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2022: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2023: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2024: ???

ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ-ЖЕНИ:

2021: Бадел 1862 - Скопје

2022: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица

2023: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица

2024: ???