22.12.2021 Душан Дуда Ивковиќ се најде на листата кандидати за влез во кошаркарската Куќа на славните во Спрингфилд 2022 година. Оваа информација ја потврди самата институција која го носи името по „таткото на кошарката“ Џејмс Нејсмит. Ивковиќ е сместен во категоријата номинирани од страна на Меѓународниот комитет, а покрај него место во куќата која го чува кошаркарското наследство од заборав ќе бараат уште две легенди на југословенската и европската кошарка – Ранко Жеравица и Радивој Корач. Исто така, на списокот номинирани за првпат се најде и Мирза Делибашиќ, а тука е и прославениот стрелец Алфонсо Форд, по кого наградата за најдобар стрелец во Евролигата го носи името. Душан Ивковиќ почина во септември оваа година.