16.02.2018

Изјави по натпреварот Куманово - Гостивар

Куманово – Гостивар 85-65 (28-23, 19-14, 23-12, 15-16)

Марјан Србиноски, тренер Гостивар
Не е дека не бевме доволно подготвени за овој натпревар. Знаете и сами дека кога менувате играчи во од на екипата и треба време за да се воигра, а и тие ’староседелците’ не изиграа најубаво. Потфрливме доста во скокот, само осум офанзивни, плејмејкерите беа тотално во аут. Не можевме да погодиме некои изградени ситуации и среќата ни го заврте грбот. Куманово ја казни секоја наша мала грешка во одбрана. Заслужено победија и им посакувам среќа во понатамошното натпреварување.


Дамјан Робев, играч Гостивар
Уште од самиот старт влеговме мотивирани. Имавме доста отворени шанси кои не ги реализиравме. Тие поведоа со десет разлика уште во првото полувреме. Борбата под кош ја загубивме, имавме помал број на офанзивни и дефанзивни скокови, многу изгубени топки. Намаливме во третата четвртина па ни опадна реализацијата додека тие влегоа во шутерска серија во најлошото време за нас.

Александар Петровиќ, тренер Куманово
Екипата на Гостивар треба да се респектира и за тоа кажуваат нивните резултати. Го испочитувавме тоа за кое се договоривме – имавме контрола во одбрана, имавме контрола во напад. Имавме некои 17-18 асистенции што кажува дека колективот победи. Им честитам на Гостивар за фер и коректната игра. Не ме фати паника кога намалија на шест поени, имавме лоша серија некои три минути, но потоа полека се си дојде на свое место. Игравме со додавање со што создававме отворени позиции за шут и под кош и по надворешните линии. Презадоволен сум. Работнички е фаворит, но ова е специфично натпреварување. Нема да створиме тензија помеѓу нашите редови и императив. Едноставно тука сме за да се надигруваме. Очекувам добар натпревар па ако даде Господ и финале.
 
Димитар Караџовски, играч Куманово
Да бидам реален и искрен не очекував ваква победа, со висока разлика. Очекував да екипата на Гостивар пружи поголем отпор. Тоа што им замина центарот некако се почувствува во нивната игра. Ние пак добивме еден играч повеќе под кошевите, тоа што ни недостасуваше. Поставивме стабилна игра на почетокот, останавме концентрирани до крајот. Работнички се преискусни, но ние ќе се обидеме да изненадиме.