МЗТ Скопје Аеродром - Блокотехна 89-78 (19-29, 26-14, 24-19, 20-16)
Жељко Лукајиќ, тренер МЗТ Скопје Аеродром
„Секогаш е психолошки тешко да се победи по првпат. Блокотехна не победи двапати заслужено, имаат добра енергија и знаат да играат. Од почеток се заедно, што не беше случај со нас. Направивме добра работа, дојдовме до победа која сигурно ќе не подобри психолошки и ќе ни даде до знаење дека вредиме. Игравме паметно и ги напаѓавме каде што се најслаби, а успеавме да покриеме каде што имавме многу проблеми, односно во „пик ен поп“.Одигравме меч достоен за Купот, сигурно имаа што да видат луѓето од овој меч. Од сега, за нас овој меч не е важен, туку размислуваме за утрешниот ден. Ги спречивме нивните продори на предната линија каде секогаш создаваа екстра-пас. Тоа го сопревме, ги оддалечивме од кошот, а ние добивавме длабочина да напаѓаме под обрачите со транзиција и да им даваме топки на Трајковски и Лалиќ. Што се однесува до Крофорд, тоа е играч кој доаѓа од САД и знае НБА-правила. Јас барам дисциплина во нападот, а имавме конфузија. Крафорд се сконцентрира да ги исполни моите задачи, но заборави на индивидуалните работи. Во вториот дел се промени и се се промени на своето место. Не бев тука кога МЗТ загуби од Работнички, но секој пораз од големиот ривал, тим со голема традиција, боли. Такви работи носи спортот, но мора да преболиме се. Од утре почнуваме од нула и нам и нив им е важен трофејот. Ќе се обидеме да анализираме и да дојдеме до посакуван триумф. Се надевам дека сите ќе дојдат и заедно ќе уживаме во еден одличен кошаркарски меч. Пред почетокот ми кажаа дека е Гинјард повреден. Лошо е да се радуваш на туѓата несреќа, јас не се фокусирам на противниците. Сигурно за нив е голем хендикеп, но јас се подготвувам и нашиот тим го подготвувам како да е тој тука.
Дарко Соколов, играч МЗТ Скопје Аеродром
Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, Влеговме во еден грч бидејќи не победија двапати во домашното првенство. Успеавме со една агресивна одбрана, особено во втората четвртина, да од 12 разлика се доведеме на плус четири за нас. Потоа продолживме во ист ритам, погодивме доста шутеви, особено Џордан Крафорд. Мислам дека тој беше најзаслужен за победата. МЗТ - Работнички е финале на најлутите ривали и се надевам дека ќе влеземе исто мотивирано како и на денешниот натпревар и дека ќе го вратиме Купот во Аеродром. Ние ќе си ја гледаме нашата тактика, нашата одбрана и напад, се надевам на успех.
Марјан Илиевски, тренер Блокотехна
Ние во првата четвртина и половина од вториот дел го имавме ритамот на натпреварот и водевме со 12 поени разлика. Во однос на некои наши грешки каде успеаја Трајковски и Лалиќ да не казнат, игравме изедначен натпревар. Бевме конкурентни тресетина минути, но свесни сме дека не може да победиме меч со шутеви за три. МЗТ имаше повеќе офанзивни скокови и воедно 15 скока повеќе од нас. Натпреварот има висок ритам, не смее да се промашува толку за три. Имавме низок процент во шутот за три, имавме скок-проблем во офанзивата. Што се однесува до Крофорд, во првите две четвртини успеавме да го изолираме од играта со два поени. Тој е играч со одлични индивидуални квалитети, еден од двигателите на играта на МЗТ. Напротив, тој не не изненади, туку одигра како што знае
Горан Главчев, играч Блокотехна
Одлично го отворивме натпреварот, но играта која не красеше во првите 15 минути за жал не продолжи. Заслужено победи МЗТ, имаа некои 40 скокови односно 20 повеќе од нас. Не можам да кажам дека ова не е успех за нас како дебитанти во оваа лига. Тоа е тоа, продолжуваме понатаму.