Раководството на Кошаркарската Федерација ја искористи денешната прес-конференција за да ги презентира досегашните активности на националните тимови, од најмладите до сениорските, како и активностите кои следат до крајот на летниот период.
„Целта на оваа прес-конференција е и да ја информираме јавноста за активностите на федерацијата во досегашниот тек на летото, а и за активностите кои допрва ни следат со акцент на сениорската репрезентација и учеството во ФИБА „балонот“, односно претквалификацискиот турнир во Скопје за претстојното Светско Првенство. Повторно сме во улога на домаќини и на овој настан, на кој ќе се бориме за место кое води во следната квалификациски фаза за Светскиот Куп во 2023 година.
Обезбедени се максимално високи стандарди за одигрување на овој турнир кој ќе биде реализиран во периодот од 12. до 18. август. Учесниците на овој собир ќе бидат сместени во хотелот „Double Three Hilton“ во Скопје. натпреварите ќе се играат во салата на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Најнапред, со гордост можам да кажам дека ова беше едно од најангажираните лета на Кошаркарската Федерација. Опфатени се 13 репрезентативни селекции започнувајќи од најмладите 12-13 години, па се до сениорската. Дел од нив веќе учествуваа на содоветните првенства, а дел допрва треба да ги финишираат настапите. Да потсетам, во оваа сезона со поддршка од ФИБА, го финиширавме проектот „Her world- her rules“. Опфатени беа 16 градови низ Македонија каде беше презентирана кошарката кај најмладите девојчиња. За првпат сме и домаќини на FECC тренерски семинар на кој ќе учестуваат и полагаат тренери за ФИБА лиценца. И покрај огромните проблеми со пандемијата која ја донесе коронавирусот, најдовме начин и решение да го доиграме сите младински лиги кои се во наша организација. Вклучително и сениорски, во кој посебен сегмент се и оние завршни турнири од Купот на Македонија, кој од оваа година ќе го носи името на нашата легенда Благоја Георгиевски – Буштур“ - потенцира Генералниот Секретар Владимир Георгиевски.
Околу деталите на репрезентациите се обрати Спортскиот Директор Тодор Гечевски.
„Оваа година ги имавме пријавено сите репрезентации и машки и женски за учество на меѓународните натпреварувања што оваа година беа одржани како челенџери, а не како Европски првенства. Машката и женската селекција на Македонија „Под 14“ години се пријавени за учество на традиционалниот турнир во Словењ Градец насловен како „Словенија Бол“. Како дел од подготовките на учество на овој турнир, нашата селекција на играчи родени 2007 и 2008 година беше учесник на турнир во Грција, а потоа и во Турција. Женската селекција „Под 14“ одработи едномесечни подготовки во Скопје и во Македонска Каменица. Селекцијата „Под 15“ - мажи, беше поканета, и одигра два контролни натпревари во Краљево, против соодветната репрезентација на Србија. Машката кадетска репрезентација на Македонија имаше дводневно гостување во Дарувар (Хрватска), каде одигра два контролни натпревари против селекцијата-домаќин, Хрватска, а вчера имаше контролен натпревар против репрезентацијата на Србија во Ниш. А веќе од 16. до 21. август, оваа наша селекција ќе биде дел од ФИБА „Челенџер“ турнирот кој е во наша организација. Турнирот во Скопје, ќе биде третиот кој ова лето го организираше федерацијата. Претходно бевме успешни домаќини на ФИБА „Челенџер“ турнирот за кошаркарки „Под 20“ години, како и турнирот за кошаркари „Под 18“ години, кој заврши вчера вечер, што е само момент плус за нашите одлични релации со Светската кошаркарска федерација. На овие турнири активно учество земаа нашите селекции „Под 18“ во машка и „Под 20“ во женска конкуренција. Во овој момент нашата женска репрезентација за кошаркарки „Под 16“ години е учесник на ФИБА „Челенџерот“ кој се игра во Тбилиси (Грузија). Претходно, еднa друга наша селекција, на кошаркарки „Под 18“ години беше учесник на „Челенџерот“ во Софија. Од 14 до 22. август, како дел од „Челенџерот“ во Скопје за кошаркарки „под 16“ години, ќе ја реализираме и тренерската клиника, FIBA Europe Coaching Certificate “ - заврши Гечевски.