Генезата на проблемите во кошарката во Република Македонија низ низа анализирања е пронајдена во младинските категории. За да се започне со анулирање на проблемите во младинските категории потребно е да се направи детална анализа со која би се детектирале техничките дефицити и слабости кај најмладите за да постепено започне процес на елиминација на истите.
Македонската кошаркарска федерација во изминатите неколку години работи на оваа тематика – отстранување на проблемите од коренот, чекор по чекор и поставување на силни темели за стабилна иднина. Вниманието е целосно насочено кон најмладите возрасни категории кои треба да бидат носители на играта во националните селекции.
Изминатото лето се воведе иновација во процесот на утврдување на моменталната индивидуална физичка подготвеност кај играчите и за таа цел за првпат во историјата беа извршени специфични мерења и тестирања во најмладите возрасни категории на кошаркари и кошаркарки кои се дел од националните селекции пред почетокот на репрезентативните обврски. Сè со цел да селекторите на соодветните селекции и тренерите во нивните матични клубови добијат појасна слика за квалитетот на играчите.
Мерењата и тестирањата беа извршени од страна на тренерите и професорите при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Боро Даскаловски и Александар Ацевски. Прва на ’нишан’ беше селекцијата до 15 години во машка конкуренција која е дел од проектот на ФИБА насловен како „Заедно до М16“. Младите кошаркари, под надзор на тренерите и истакнати професори, одработија низа на вежби со кои беа тестирани нивните основни, функционално-ситуационо моторички способности. Врз секој кошаркар е извршена детална анализа по која се дадени конкретни насоки за елиминирање на недостатоци.
На овој начин, барем во делот на репрезентативните играчи, се обезбеди и со тоа ќе се помогне и на клубовите во кои членуваат во кој сегмент на тренингот треба повеќе да се обрнува внимание и работи на отклонување на аномалиите кои се детектирани во текот на тестирањето.
Во текот на летниот период врз истите тестирања беа опфатени и репрезентативните кошаркари до 14 години и до 16 години како и репрезентативните кошаркарки до 16 години.
Секој клуб, кошаркар, кошаркарка, родител кој сака пристап до датотеките со резултатите од специфичните мерења и тестирања да се обрати во канцеларијата при МКФ.