29.05.2024

Важи за вистинска реткост, но е навистина реалност која вели дека Андреј ќе биде и петта година дел од НЦАА лигата.

Јакимовски: „Ќе инсистирам кај тренерот и тимот во ноември да играм за националниот тим“

Од проста причина што по дипломирањето на Вашингтон Стејт Универзитетот, Јакимовски ја одбра онаа „играчка опција“ која ја нуди ова натпреварување. И сезоната која му „се важи“ како „сениор“ да ја одработи како играч на Универзитетот Колорадо Болдер, односно тимот на овој колеџ – Бафало.

Нуди и мало појаснување, по ова „прашање“, односно дилема:

„Нема ништо, би го нарекол, спорно. Факт е дека менаџментот на НЦАА лигата одлучи дека онаа сезона, односно она време на короната не влегува во оној свовиден ‘студентски стаж’ на играчите кои биле дел од натпреварувањето, И дава можност, која јас ја користам во овј момент, да го продолжам својот престој во САД, како некоја ‘петта година’, пак ќе кажам сето тоа треба да се гледа условно“ – појаснува нашиот млад репрезентативец.

Одлука која Јакимовски ја донесе и поради барањето на тренерот на Бафало, Тед Бојл. И тоа како запознат со квалитетите на македонскиот репрезентативец.

„Не беше баш лесна раздлебата со Вашингтон Стејт, екипата, односно средината во која играчки ‘пораснав’. Четири незаборавни години кои ми донесоа апсолутно многу работи во животот, поголем дел корисни за понатамошниот тек на кариерата, во секој случај. Повикот на Колорадо го прифаќам од причина што навистина сакам да ја унапредам својата игра на уште едно повисоко ниво, и максимално подготвен да го дочекам наредното лето во кое предизвикот ми е да се пробам, да се појавам на НБА драфтот. Тренерот Бојл добро ме познава, знае што може да очекува од мене, макар што во изминатите неколку сезони бевме лути ривали на теренот. И тоа треба да е некоја ‘олеснителна околност’ во онаа аклиматизација на новата средина“ – дополнува репрезентативното крило.

За што подобра подготвеност, Јакимовски ќе го „потроши“ и ова лето, одново во САД, но на друго место – блиску до Денвер, актуелниот шампион на НБА лигата.

„Да, кратко е времето кое ќе го поминам со своето семејство. Затоа што веќе во петок, летам назад за Америка. Ме чекаат осум недели напорна работа во оние летни ‘воркаути’, сакам да бидам подобар од што сум сега. Да ја унапредам својата игра, во секој поглед. Мојот нов тим изгледаше сосема добро и оваа сезона, кога во 1/16 финалето загубија од Универзитетот Маркет. Има своја историја, се надевам дека ќе биде збогатена со моето присуство во наредната година“.

Ние од Андреј Јакимовски очекуваме да биде стандарден член на македонската сениорска репрезентација и дел од носителите на „црвено-жолтите“ во годните кои доаѓаат.

„Тоа некако најтешко ми паѓа. Секојпат кога се собирите на националниот тим, без оглед на тоа дали во февруари или во ноември, ми доаѓаат некои слики во кои се гледам себеси како сум дел од тимот. А сепак сум толку далеку, илјадници километри. Она што можам да го кажам, да го ветам во овој момент е дека јас сум секогаш тука, на располагање. И во моите први контакти со новиот тренер, со менаџерскиот тим, го потенцирав тој момент, секогаш, доколку е тоа можно, да бидам со своите соиграчи од репрезентацијата, макар и на една недела. Онаа во која се играат натпреварите од ФИБА ‘прозорите’. И се надевам дека овојпат ќе наидам на разбирање кај сите во мојот нов тим, и дека веќе во ноември ќе бидам тука за наредните репрезентативни предизвици. А пред нас е токму еден таков, голем, сериозен, двата квалификациски натпревари против репрезентацијата на Литванија“ – потенцира Јакимовски, пред новата преселба „преку барата“.