Пред очите на селекторот Александар Тодоров, кој беше на „лице место“ во Бадалона, Ненад Димитријевиќ се најде во стартната петорка на Хувентуд кој славеше победа (104:93) на дуелот со Мурсија.
Димитријевиќ ги одигра првите шест и пол минути, во кои имаше еден неуспешен обид за два поени, по што во игра влезе феноменалниот словенечки шутер, Клемен Препелич.
По стартната негатива (17-4), домашната екипа направи целосен пресврт. И до полувремето обезбеди водство (54:46). А за нецели десет минути на теренот, Димитријевиќ го погоди вториот обид од поле, а додаде и една асистенција.
Во третиот период, во кој гостите од Мурсија се заканија со пресврт, Димитријевиќ погоди за три поени, и донесе водство, (71:67) за „зелено-црните“.
На крајот, Хувентуд ја совлада Мурсија со (104:93), а најдобриот македонски кошаркар за 2019 година заврши со ефект од пет поени (2/4 од игра и 0/2 од линијата за слободни фрлања). Имаше и по еден скок и асистенција за 18:20 минути во игра.
По 16. кола во АЦБ лигата Хувентуд има половичен скор (8-8) и е на делба на 8. позиција, последната која води на финалниот турнир од „Купот на Кралот“ планиран за средината на февруари.
Стартер, но во екипата на Реал Бетис, беше уште еден македонски репрезентативец – Шејн Витингтон.
На дуелот со екипата на Гран Канарија, високото крило на тимот од Севиља ги одигра само првите осум минути во кои реализираше два поени (1/2 од поле) а имаше и исто толку скокови.
Во драматичен финиш и една пенал-завршница, кошаркарите во „зелено-бела“ комбинација среќно стигнаа до триумфот (82:81). Па сега, по 16.одиграни мечеви во најсилната европска лига „берберите“ од Севиља имаат ефект (4-12), кој во овој момент е доволен за делба на претпоследното место на табелата, заедно со екипатга на Естудијантес која ја предводи екс-македонскиот селектор, Александар Џикиќ.
*А Андреј Јакимовски, и Марко Миловановиќ, уште двајца потенцијални сениорски репрезентативци кои веројатно ќе бидат на списокот на новиот селектор Александар Тодоров, во изминатите неколку дена имаа свои настапи на еден квалификациски турнир во Италија, насловен како Next Gen Cup.
Во оние три одиграни натпревари, Андреј Јакимовски се промовираше во најдобар стрелец и скокач во групата Ц од ова натпреварување.
Нашиот кошаркар постигна вкупно 84 поени (просек од 28 по натпревар) и 42 скока (14 на натпревар). Најдобар поединечен ефект во друштво на клубови како Виртус, Реџо Емилија, Бреша и Пистоја.
За жал, Динамо Сасари екипата за која играше Јакимовски, но и уште еден голем македонски талент, Марко Миловановиќ, не успеа да се пласира во четвртфиналето бидејќи го освои третото место во групата на турнирот Next Gen Cup во Италија.