16.07.2022

​​​​​​​„Но, секогаш може и мора повеќе. Јас, и како тренер и како играч, размислувам на еден таков начин“...

Јелена Антиќ: „Дадовме некој наш максимум, но имаме и свој лимит“!

Женската младинска селекција на Македонија не успеа да направи уште едно ново изненадување на шампионатот во Скопје. Да го надополни она што го градеа во првата, групна фаза, во која направија резултат кој ќе остане запаметен, како прва женска селекција која го минала првиот круг од натпреварите на Европско првенство за кошаркарки „Под 20“ години.

Веројатно, или подобро кажано, очекувано, Словенија покажа дека во овој момент е поквалитетна репрезентација, со далеку поголемо искуство од играње на вака важни, згора на тоа, и елиминациски натпревари.

Селекторот на оваа наша репрезентација, Јелена Антиќ е реална во размислувањата по истекот на 40.минути од средбата со Словенија.

„Игравме против една селекција која, јасно е, ќе се бори за највисок пласман на првенството. Едноставно кажано, Словенките се поквалитетни од нас. Имаат одлична композиција на тимот, секој играч знае да си ја работи својата задача. Имаат и добра тимска игра, долг ростер, се што треба да има една репрезентација која атакува на висок пласман, и е без пораз“- констатира Антиќ.

„За нас ова е едно огромно искуство. Да видиме до каде сме во овој момент против вака силни селекции кои извесно е следната сезона ќе бидат дел и од онаа најелитна конкуренција во женската кошарка. Колку што ме радува резултатот кој го реализиравме на овој шампионат, толку морам да изразам и извесна доза на загриженост. Имаме доста работа пред нас, особено во овој младински сегмент од нашата женска кошарка. Евидентно е дека  заостануваме во многу работи на кои во иднина мора да се посвети поголемо внимание. Ни недостасува еден континуитет на настапи на вакви натпреварувања, и уште поголема поддршка, од сите фактори. Особено тоа се однесува на клубовите“.

Извесно е дека еден од предусловите за нешто повеќе, е дека треба да имаме и подолг играчки ростер?

„Тоа е така очигледно, погледнете ги другите селекции. Мислам дека тоа е доволен показател и веројатно наш најголем проблем на првенството. Едноставно имаме свој лимит, дадовме некој наш максимум. Но секогаш може и мора повеќе. Јас размислувам на еден таков начин, и како играч, сега и во улога на селектор, и нема да се откажам од тоа. Тоа и ги учам овие млади кошаркарки со кои работам во изминатите денови. Мислам дека дојдовме до едно ниво, компетитивно. Но ни треба уште повеќе за да направиме уште еден исчекор. Не ни очекував дека ќе биде лесно кога решив да ја работам и оваа работа. И така е, не е лесно. Но нема откажување. Продолжуваме понатаму, со надеж дека ќе бидеме уште подобри“- објаснува Антиќ.

Она што е исто така еден добар момент е дека до крајот на шампионатот во Скопје, Македонија ќе одигра уште два натпревари со исто така квалитетни противници, кои се дел од најдбрата „осумка“.

Првиот е денеска, од 14.15 часот. Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје играме против одличниот состав на Германија.

„Одлична екипа, добро пополнета на секоја позиција. Во четвртфиналето долго време имаа егал резултат против Турција, но не издржаа до крајот. Реков, уште една добра можност девојчињата да акумулираат уште повеќе. Но не смее да паднеме на план на психологијата после поразот од Словенија. Мора да се игра најдобро што се може. Ќе бидам задоволна сите што ќе играат да го дадат најдоброто од себе, како и секогаш“- дополнува селекторот на оваа наша мадинска репрезентација