10.02.2023

„Затоа што не се гледа често, репрезентација како нас, да победи екипа од европски и олимписки ранг“

Јелена Антиќ ги собира впечатоците по победата во Сараево: „ Бидете горди на сите нас“

Долго, доста долго време нашите најдобри кошакарки го бараа патот кон победата во еден квалификациски натпревар. Во неколку наврати беа доста блиску да го реализираат. Но им појде од рака вчера вечер, во Сараево, против една репрезентација која е во горниот дом на европската и светската кошарка – Босна и Херцеговина.

Како што вели Јелена Антиќ, екипата која дојде во глвниот град на БиХ, имала постојан фокус, покажала зрелост, но и стабилност, што досега не биле присутни во играта на нашиот женски национален тим.

„Пресреќна сум, немам зборови да објаснам што значи оваа победа за македонската репрезентација. Само ние знаеме со што се соочуваме сите овие години. И овој пат дојдовме во Сараево со скратен ростер, само со домашни кошаркарки, без натурализираниот играч. Но овој пат среќата беше на наша страна. Премногу сум горда на секој играч што стапна на теренот. Од почетокот бевме фокусирани, и покажавме една зрелост и стабилност што до сега не сме го виделе во изминатите натпревари“.

Овој триумф има посебно место кариерата на искусната кошаркарка, од повеќе причини...

„За мене посебно оваа победа е од огромно значење, поради тоа што во изминатите неколку години се борам со сериозни повреди и немав можност да настапувам за репрезентацијата. И оттука, вкусот на оваа победа , иако многу би рекле од никакво значење, за нас претставува една голема СРЕЌА! Големо БЛАГОДАРАМ на стручниот штаб, од кој добивавме неизмерна поддршка и верба дека овој натпревар може да се добие. Бевме добро подготвени и го испочитувавме поголемиот дел од планот, и како што кажа селекторот, ‘време е за победа' “

Не заборава Антиќ на иднината, на оние млади кошаркарки кои се составен дел од овој успешен настап на девојките во „црвено“.

„Исто така, треба да се споменат младите девојки кои по прв пат беа дел од сениорската репрезентација. Со само 16 години јуначки го издржаа темпото кое го бара сениорската кошарка, и ете кој би рекол, нашата Милица го даде победничкиот кос.. Браво дете! Браво за нас! Бидете горди на нас затоа што не често се гледа репрезентација како нас да победи екипа од европски и олимписки ранг“- дополнува искусната кошаркарка по големата победа во Сараево.