15.09.2023

Една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата објави крај на активното играње

Јелена Антиќ одлучи дека е крај:„Јас ѝ ги дадов срцето, телото и умот, кошарката ми го подари светот“

Сега веќе е и официјално, Јелена Антиќ повеќе нема професионално да игра кошарка. Сега веќе 32.годишната кошаркарка, одлучи, објави крај на играчката кариера!

„Имав само 15 години кога заминав од дома за да го следам својот сон. Мојот кошаркарски сон. 17 години подоцна може да кажам дека кошарката ми го подари светот. Светот на можности. Јас ѝ ги дадов срцето, телото и умот. Вистинска длабока љубов. Но, последните години беа исцрпувачки, физички и психички. Ти благодарам за се добро и лошо, за сите победи и порази, насмевки и солзи, сеќавања и лузни“...

Ова се зборовите на Јелена Антиќ, или подобро речено, реченици за „збогум“, за она што беше сите овие години наназад, во нејзината играчка кариера.

И тоа не е се... Јелена не „мрда“ никаде...

„Ова не е збогум, само ќе те гледам од другата страна на линијата“ – гласи нејзината најава, нејзината потврда, порака, дека продолжува, дека останува во светот на кошарката.

Но сега од еден малку поинаков агол, секако не непознат за неа... Со тренерската кариера, не е „нова“, напротив, со искуство кое не е за занемарување.

Затоа што деновите на оној „принуден одмор“, Антиќ „не седеше мирна“, работеше, помагаше, и  на клупско, но и и на она репрезентативно ниво.

Една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата, стави крај на кариерата!

А каква беше таа?

За оние кои и не паметат толку долго, ја стартуваше во екипата на Младинец од Драчево, кај неповторливиот Свето Костовски. За жал на сите од клубот од Драчево, тоа, помалку и очекувано, не траеше долго...Јелена реши, рано да се пресели во САД каде што прво играше (и учеше) во средното училиште „Либерти Академија“, а потоа и за Универзитетот „Либерти флејмс“.

По американската авантура, по враќањето од САД, најпрво настапуваше за белградски Партизан, каде што мина три сезони, а потоа и за една друга српска екипа, „Радивоје Кораќ“.

Патот низ кошаркарска Европа ја однесе и во Макаби Ашдод (Израел), ЦСУ Алба (Романија), Лулеа Баскет (Шведска), Висла Краков.

Да, играше повторно дома, и во Вардар, и во Баскет Кам, попатно освојуваше и трофеи. Зад себе „Јеца“ има три шампионски пехари, исто толку трофеи во Купот на Србија и во женската АБА-лига, сите освоени во дресот на белградски Партизан.

Пред себе има нови хоризонти, секако, кошаркарски. Нови предизвици, тренерски, и повторно малку подалеку од Македонија, која ете, за жал, го дочека и тој момент.

Остануваме без еден играч помалку во ротацијата за оние нови евро-искушенија. Но со еден „навивач“плус, а зошто да не, наскоро, и предводник на девојките во „црвено-жолта“ комбинација, затоа што познавајќи ја, тешко дека може да „побегне“ од тоа.