Македонија ја победи Романија, претходно и Косово, со 50% ефект, во една силна група во која беа Црна Гора и Хрватска, успеа во обидот да дојде до некоја првично замислена цел – пласман во друштвото на осум четвртфиналисти.
И утре вечер, од 18.45 часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ да игра против Словенија за место во полуфиналето, од каде се бара биле за Дивизијата „А“.
А кај предводникот од клупата на нашата младинска селекција, Јелена Антиќ, се чувствува голема доза на среќа, на задоволство...
„Среќна сум што успеавме да се вратиме по лошите резултати против Хрватска и Црна Гора, особено против Хрватска бидејќи тоа беше меч за кој ние мислевме дека можеме да го добиеме. Се случи кикс, атмосферата не беше на посакуваното ниво уште од почетокот и тоа се одрази на конечниот резултат.
Сепак, јас сум среќна и горда на екипата бидејќи успеа да се избори со емоциите. Ова се млади девојчиња кои сеуште немаат големо искуство и нормално е секој лош настап, особено кога станува збор за порази со толкава разлика да се одрази на нив. Успеавме со разговори и смиреност да им влееме самодоверба. Пред се да сфатат дека, всушност, ние сме добра екипа и дека веројатно недостасуваше многу малку за да дојдеме до победата против Романија. Атмосферата и енергијата што ги имавме како екипа, како и поддршката од трибините беа на посакуваното ниво кога најмногу требаше и тоа беше клучно за триумфот со кој влегуваме во четвртфиналето“- вели Антиќ.
Но тука не застанува, напротив, селекторот на репрезентацијата „Под 20“ години не се задоволува со постигнатото во првиот круг од натпреварите.
„Ова е историски момент за македонската женска кошарка. Но јас не сум човек кој се задоволува лесно, верувам дека можеме да играме против Словенија и се подготвуваме на таков начин. Самодовербата ни е на високо ниво и така треба да остане бидејќи ова е женска кошарка и се е возможно. Искрено се надевам дека ќе се избориме за победа“ - порачува Антиќ пред првата елиминациска битка на првенството во Скопје.