Долго време ја нема на кошаркарскиот терен. Не е изненадување ако се земе в предвид дека се бори против една сериозна ситуација која ја предизвика една нималку наивна повреда.
Но Јелена Антиќ е голем борец, за неа не постои зборот предавање. Напротив, нашата најдобра кошаркарка во изминатата деценија нема намера тука да застане, напротив...
Паралелно со „санацијата на штетата“ која ја предизвика повредата на лигаментите на коленото, Антиќ работи и на други кошаркарски теми. А она слободно време кое, како што вели, досега го немала во толкаво количество, се труди да го искористи максимално во оние обиди за реализација и на некои други кошаркарски планови.
Со оглед на тоа што кошарката, односно спортот воопшто, подолго време се „замрзнати“, и сеуште е така, во најголем дел од светот, поради пандемијата која ја донесе корона вирусот, какви промени донесе една ваква ситуација кај тебе?
„За мене лично, немаше многу големи промени, од причина што оваа година мене ми беше фокусирана на враќање на терен во полна снага. ‘Замрзнатиот’ спорт, и дефинитивно има лошо влијание над нас спортистите, но и сите љубители на спортот. Сите сме во исчекување и се надеваме дека спортот и натпреварувањата ќе бидат активирани наскоро затоа што животот без спорт е мошне здодевен. Исто така се надевам дека спортот нема да претрпи големи последици поради финансиската криза низ целиот свет“- вели Антиќ по еден успешно одработен рехабилитациски тренинг со кој треба да бидат зајакнати лигаментите на повреденото колено.
Како ги помина оние карантинските денови и што најмногу ти недостасува во моментите кога мора да се функционира „од дома“?
„Бидејќи обично сите се жалиме како немаме слободно време, со пандемијата добивме и повеќе одмор отколку што посакувавме. И јас лично, ова време го искористив за да поработам на кулинарските вештини. Исто така цртав и поминував многу време со семејството. Останував физички активна што е можно повеќе, и секако не ги пропуштав омилените филмски серии. Но некако најмногу ми недостасуваа патувањата и дружбите со пријателите“- искрено ќе каже Јелена за новите животни искуства, а кои се „надвор од кошарката“.
Долго време водиш битка со повредите?
„За жал, да. Долго време се опоравувам од повреда на коленото, но тоа е спортот, или да кажам тоа е животот... Меѓутоа, јас сум голем оптимист. И како што велат, сè во животот се случува со причина. Моментално се чувствувам добро, фокусирана сум и максимално мотивирана за враќање на терен. Па се надевам дека веќе во ноември ќе ме гледате на квалификациските мечеви на Македонија“- најавува крилото на нашиот национален тим.
Во меѓувреме доби понуда од раководниот тим на КФСМ да работиш со млади кошаркарки. Односно твоето огромно играчко искуство да им го пренесеш, како што тоа се вели, на своите наследнички во дресот со националниот грб?
„Една од моите пасии е тренерската работа. Верувам дека сум способна, но и сакам да го пренесам своето знаење на наредните генерации. Овој проект каде што ќе работам со млади кошаркарки, односно девојчиња до 12 години е одлична можност за развивање на веќе постоечкиот талент, како и надградување на истиот. Девојчињата ќе имаат можност да се сретнат со врснички од други земји, да шират познанства, да учат од тренери не само од Македонија, туку од цела Европа. Да учествуваат на различни турнири, и се надевам да ја засакаат кошарката уште повеќе и да ја почувствуваат убавината на овој спорт“.
Истовремено си дел од проектот на ФИБА насловен како TIMEOUT 2.0. Можеш ли да ни појасниш за што всушност станува збор?
„Проектот FIBA TIMEOUT 2.0 е проект кој фокусиран на едукација на спортисти надвор од теренот и нивна транзиција од спорт во бизнис кариера. Всушност, многу кошаркари и кошаркарки кои сеуште активно играат, се дел од овој проект. Тоа е само доказ колкава е заинтересираноста и успешноста на овој проект и многу сум среќна што сум дел од него. Се надевам дека ќе стекнам големо знаење и искуство кое понатака ќе ми послужат“.
Последниот ангажман ти беше во Белгија. Кој е твојот следен чекор во играчката кариера?
„Моментално сум фокусирана на рехабилитацијата на моето колено. Со појавувањето на пандемијата целиот процес на опоравување беше успорен, што значи дека и моето враќање на терен е одложено. Во контакт сум со моите менаџери, и кога ќе дојде вистинското време ќе ја информирам јавноста кој е мојот следен чекор, и каде ќе ја продолжам својата кариера“- го остава Јелена ова прашање како „отворено“.