31.07.2025

Израел беше подобар противник, стигна до важен триумф (85:73)

Јуниорите ја испуштија првата шанса за опстанок во елитата

Во можеби досега најважниот меч во досегашниот дел од првенството во Белград, селекцијата на Израел славеше победа над нашиот јуниорски состав.

По овој пораз, петти на шампионатот, нашата селекција „Под 18“ години ќе се бори за пласман од 13. до 16. место на првенството.

ИЗРАЕЛ – МАКЕДОНИЈА  85:73

Селекцијата која ја предводи селекторот Горан Андреевски одигра доста изедначен натпревар, во кој влогот беше голем, и особено важен за нашиот национален јуниорски тим.

Победата носеше сигурен пласман, поразот, кој го доживеавме, нè носи кон нова несигурност, борба за места од од 13. до 16. место, односно за опстанок во оваа конкуренција.

На крајот, како пресудна се покажа првата четвртина, онаа во која Израелците направија „вишок“ од  десет поени (26:16). Во преостанатите три четвртин македонските јуниори постојано притискаа да ја стигнат негативата. Најблиску беа во финалните минути од мечот во Арената во Белград, кога по поените на Ѓорѓевиќ, намалија на само четири поени негатива (73:77).

Но тоа, се покажа, дека беа и последните поени за нашата селекција на овој меч. Израелците го затворија со серија од осум поени, и обезбедија место во елитата и во следната натпреварувачка кампања.

Ние влегуваме во битките за едно место кое носи опстанок.   

Дамјан Данев одигра одличен меч, го заврпи со 23.поени и 8.скока, Никола Јаничиќ имаше 16.поени, осум скока и пет асистенции, Ѓорѓевиќ финишираше со 15.поени, плус шест скока и три додавања.