Јуниорската селекција на Македонија на играчи „Под 18“ години влегува во завршната фаза од подготвителниот период.
А патот кон она што од 3. до 8. август следува во Скопје, нашите најдобри јуниори овој викенд, поточно во недела претпладне, ги води во Зрењанин.
Во овој српски град, на 26. и на 27. јули, ги чека двомечот против соодветната селекција на Србија.
А селекторот на овој наш национален тим, Никола Василев го одбра тимот на кој ќе смета за овие два натпревари.
„Задоволен сум од она што досега го одработивме во изминатиот период. Веќе одигравме неколку контролни натпревари, во оној почетен дел од подготовките. Во меѓувреме полека ја ‘фаќаме’ потребната форма за она што нè чека на турнирот во Скопје“- вели Василев пред заминувањето за Србија.
Василев вели дека овие две пријателски средби во Зрењанин ќе бидат добра можност на она што досега е сработено во подготвителниот период.
„Овие мечеви ќе бидат вистински тест за нас. Да направиме одредени корекции во играта, да работиме уште повеќе за да стигнаме до планираните цели. Имаме еден континуиран проблем, за време на овој дел од подготовките, постојано имаме по некој повреден играч. Но полека ги санираме, и се надевам дека ‘челенџерот’ во Скопје ќе го дочекаме во полн состав“- дополнува Василев.
За двата натпревари со Србија кои се закажани за 26. и 27. јули, со почеток од 18.30 часот, Василев, заедно со неговите асистенти Нино Чачиќ и Душко Јаковчевски, смета на следниве кошаркари:
Андреј Митревски, Филип Наков, Марио Петковски, Никола Василевски, Амар Хот, Тома Стојановски, Виктор Стојковски, Христијан Настовски, Димитар Иванов, Карло Блажевски, Мирослав Ѓорѓевиќ, Горазд Величковски, Теон Богатиновски и Павел Атанасов