18.07.2025

На првата контролна средба одиграна во Беране, домашната селекција славеше со убедливи (98:80)

Јуниорите на Црна Гора подобри од македонските

Машката селекција на Македонија за кошаркари „Под 18“ години забележа пораз на првиот од двата предвидени контролни натпревари на гостувањето во Црна Гора.

На проверката која беше реализирана во Беране, нашиот јуниорски состав загуби од јуниорите на Црна Гора со резултат (80:98).

По стартните (9-0) за Црна Гора, нашите млади кошаркари направија серија од (16-5) со која дојдоа и до водството (16:14).

Но тоа беше и последната предност за селекцијата која ја предводи селекторот Горан Андреевски.

На истекот на првиот период, Црна Гора водеше со минимални (22:20). Израмнето се играше и во вториот период, во кој сепак домаќините стигнаа до нешто повисока разлика (46:39).

Црногорците додадоа уште пет поени плус во третиот квартал, кој го добија со (24-19), за двоцифрена предност (70:58), која во последниот дел изнесуваше и 20.поени (96:76).

Капитенот на нашата јуниорска репрезентација, Никола Јаничиќ беше најдобар поединец на средбата во Беране. Реализираше 27.поени, имаше и 10.скока, и шест освоени топки, но двоцифрен број на поени во нашиот тим имаше само уште Данев – вкупно 10.

Двете репрезентациии утре, од 12.часот, ќе одиграат уште една пријателска средба.