Женската јуниорска селекција на Македонија е веќе во Алитус, каде од 4. до 13. јули ќе настапи на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркарки „Под 18“ години.

А селекторот Виктор Петровски и неговите соработници во стручниот тим, Нена Трајчевска и Арин Агиќ, не губеа многу време, и утринава веќе го одработија првиот тренинг во Арената „Алитус“, едно добро познато издание за македонската репрезентативна кошарка.
Најмногу по успешните игри на нашиот машки сениорски национален тим на Евробаскетот во 2011 година од каде тргнаа на патот до историскиот резултат.

„Добредојден за сите нас, особено по долгиот пат до Алитус, каде ќе ги играме натпреварите од првата групна фаза на првенството. Девојките се запознаа со условите за игра, и за она што не очекува во деновите кои се пред нас. Поставивме некои работи кои планираме да ги имплементираме веќе на првиот натпревар, утре, против селекцијата на Романија“ – коментира селекторот Петровски пред стартот на шампионатот во Литванија.
