Македонија одново има свој претставник во најсилното натпреварување на Стариот континент - Евролигата.
Навистина во јуниорското издание, но како и да е од денеска, Теодор Симиќ почна да го презентира сиот свој потенцијал низ натпреварите во Евролигата.
Имено, денеска во Валенсија, стартуваше првиот квалификациски турнир за кошаркари “Под 18“ за пласман на завршниот турнир на Евролигата.
А Теодор Симиќ и неговата Барселона, стигнаа до две победи во групната фаза, со кои веќе го обезбедија местото во големото финале преку кое се стигнува до билетот за финалниот турнир.
Во првиот меч на турнирот, Барселона по голема борба го победи германскиот Улм Ратиофарм со резултат (59:50).
Натпревар во кој младиот Македонец одигра 11:44 минути и притоа дојде до ефект од шест поени (3/5 за два и 0/1 за три поени), три скока и една загубена топка.
Уште поубедливо делуваше каталонскиот гигант во дуелот со уште еден шпански претставник – Гран Канарија.
Симиќ и другарите славеа со повеќе од убедливи (85:47).
Со уште подобра игра на нашиот репрезентативец. Против „Гранка“, 16 годишниот кошаркар запиша 15:55 минути поминати на паркетот, но и десет поени (02/за три, 4/7 за два, и 2/5 за еден поен), осум скока, како и по една асистенција, освоена и загубена топка.
Во третиот круг од натпреварите, на 28. декември, Барселона игра против францускиот Нантер. Без оглед на исходот на овој меч, каталонците ќе играат во финалето на турнирот.
По првиот круг од натпреварите во групата „Б“, победи обезбедија екипите на Уникаха од Малада и Хувентуд од Бадалона кои беа подобри од Валенсија, односно Асвел од Вилербан.