22.07.2022

Но на крајот од „контролата“ во Белград нашата селекција „Под 16“ забележа пораз, (81:89)

Кадетите ѝ пружија силен отпор на Србија, но останаа без победа

Одлична игра, но без краен ефект на нашата машка кадетска репрезентација на првиот од двата предвидени контролни натпревари во Белград. Селекцијата „Под 16“ години на Србија на крајот дојде до победата (89:81) во еден меч во кој во најголем дел беше во најмала рака рамноправен.

Нашата кадетска селекција имаше водство во првата четвртина (23:21). Но до одморот, домашниот тим стигна до предност (46:40), која ја направи уште поголема во продолжението од играта.

Србите го добија и третиот дел од играта, со (22:16) по што на почетокот на последниот, се стекнаа со двоцифрена предност од (68:56). Разлика која и покрај нашата добра игра знаеја да ја сочуваат и да прослават успех во првата проверка која се играше во салата „Визура спорт“ во главниот град на Србија.

Одлично издание во нашата селекција имаше Никола Јаничиќ, реализираше  23.поени и пет скока и три асистенции. Шутерски одлично делуваше Дино Лазарев, кој ги погоди сите четири обиди за три поени, и заврши со 16.поени, додека пак највисокиот играч во нашиот кадетски состав, Марко Лукановски додаде десет поени и шест скока.

Двете селекции утре попладне, исто така од 13. часот, ќе имаат уште една проверка која се игра на истото место.