29.07.2023

Македонија беше добра во првото полувреме, и неефикасна во второто, за пораз од Грција (52:91) во второто коло од турниот во Скопје

Кадетите имаа 20 добри минути, треба повеќе за успех против фаворитите

Селекциите на Македонија и на Грција го отворија вториот ден на турнирот во Скопје. По релативно изедначеното прво полувреме, кадетите од нашето јужно соседство стигнаа до сигурен триумф.

ГРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 91:52

Доста променливо одиграа во првото полувреме и двете кадетски селекции.

Грците ја добија првата четвртина, со сосема солидни (27:19), ние бевме подобри во поголем дел од втората. Односно кога успеавме тоа нивно водство да го доведеме на само еден поен (32:33). Некаде во средината на вториот период од играта.

Но тука застанавме, што соседите знаеја да го искористат, и да ја вратат позитивата, сега и на двоцифрена. На влезот во последната минута од полувремето, а по серијата од (10-0), Грција имаше високи (44:32). Негативата на едноцифрена ја симна Ѓорѓевиќ, постави (44:35) на семафорот во СРЦ „Кале“ по две одиграни четвртини на овој втор натпревар на нашата селекција „Под 16“ години на турнирот.

Доријан Ивановски имаше одлична индивидуална изведба во тие 20.минути. Погоди четири тројки (од осум обиди), комплетираше 15. поени.

Но, имавме проблеми во нападот и во продолжението од натпреварот. Постигнавме само три поени за скоро шест минути од третата четвртина. Противникот веќе беше на 61, недостижни за нашата кадетска селекција.

На истекот на тој дел од натпреварот, грчките кадети имаа исто така високи (69:48).

И на овој меч Македонија не беше во комплетен состав. Освен недоволно опоравениот Марио Симиќ, повредениот Љубен Ефтимовски, а многу малку, поради повреда на вчерашнит меч со Израел, со лимитиран број на минути играше и нашиот капитен Лука Марјановиќ, што дополнително му ја отежнува работата на стручниот тим на нашата кадетска репрезентација предводен од селекторот Александар Јованчев.  

Ивановски застана на 17. реализации, и беше единствениот играч во нашиот кадетски тим кој имаше десет и повеќе постигнати поени. Ѓорѓевиќ даде осум, а Терзиевски имаше еден поен помалку.  

Утре вечер, исто така од 18.30 часот, ќе играме и против репрезентацијата на Шпанија, секако еден од топ-фаворитите за освојување на победничкиот трофеј на претстојниот кадетски Евробаскет.

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

ПРВ ДЕН

Македонија – Израел     63:65

ВТОР ДЕН

Грција – Македонија      91:52

21.00: Израел – Шпанија

30.ЈУЛИ (НЕДЕЛА)

18.30. Македонија – Шпанија

21.00: Грција – Израел

31.ЈУЛИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.30: Шпанија – Грција

*Сите натпревари се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје