20.07.2023

Хрватската селекција „Под 16“ години беше подобар ривал, и славеше на првата, од двете проверки во СЦ „Кале“ (86:63)

Кадетите загубија на „контролата“ со Хрватска

Машката кадетска селекција на Македонија влезе во оној последен сегмент од подготовките за настап на Европското првенство од Дивизијата „А“, кое од 4. до 13.август ќе се игра во нашиот главен град, Скопје.

Како вовед во последната фаза, стручниот штаб на селекцијзта „Под 16“ години која ја предводи селекторот Алекандар Јиванчев, испланира одигрување на уште два контролни натпревари.

По Бугарија, вечерва во СРЦ „Кале“ гостуваше соодветната селекција на Хрватска.

МАКЕДОНИЈА (У16) - ХРВАТСКА (У16)          63:86

И беше подобар противник, особено тоа се однесува во првото полувреме во кое и ја направија клучната предност.

Имаа „вишок“ гостите по десет нинути од играта (24:16), но застанавме во вториот период во кој уште потешко реализиравме.

На полувремето, Хрватска веќе имаше висока позитива (40:22).

Промената во нашата игра во второто полувреме беше подобрата реализација на нападите. Одигравме доста поефикасно, реализиравме скоро двојно повеќе поени во однос на првите 20.минути од „контролата“. Но противникот успеа да ја одбрани високата предност и да дојде до триумф.

Ивановски реализираше 16.поени, Марјановиќ додаде уште 14 (плус пет скока и четири асистенции) во нашата селекција, која утре вечер, исто така од 18.30 часот, на истото место, во СРЦ „Кале“ ќе има шанса за реванш против одличната хрватска селекција.