Официјалниот старт на подготовките за Европското првенство, селекторот Денис Дервишевиќ го означи на 19. јуни, а пред неколку дена кадетите ги одиграа и првите пријателски натпревари.
Две победи запишаа нашите кошаркари до 16 години кои тековното лето ќе се натпреваруваат на континенталниот собир на најдобрите шеснаесет репрезентации, а седмицата што следи ќе одиграат уште неколку пријателски натпревари.
Веќе на 12. јули, кадетите ќе заминат за Јамбол, каде ќе одиграат пријателски двомеч против врсниците од Бугарија.
Потоа, нашите кадетски репрезентативци ќе продолжат во Габрово на турнирот „Христо Донков“ каде ќе разигруваат против соодветните национални селекции на Романија (16. јули, почеток 19:00), Украина (17. јули, 19:00) и против тимовите НАБА и ИБЦ (18. јули).
По враќањето во нашата држава, кадетите ќе продолжат со подготовки во Скопје, па ќе ги нагостат соодветните селекции на Израел, Чешка и на Полска на пријателски турнир.