13.07.2025

Црногорскиот тим „Под 16“ делуваше доста подобро во најголем дел од контролниот меч во СРЦ „Кале“, славеше со сигурни (94:72)

Кадетите запишаа пораз на првата проверка со Црна Гора

Во првиот контролен натпревар за време на подготовките, кадетската репрезентација на Македонија забележа пораз од Црна Гора.

Гостите беа подобри во најголем дел од „контролата“ во СРЦ „Кале“, утре попладне од 13.часот, следува реваншот...

МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА      72:94

Македонските кадети го имаа почетното водство, по четири минути игра, поведоа со (13:7). Но гостите од Црна Гора во наредните три, направија серија од (8-0), доволна за да го сменат водството, (15:13).

Нерешено беше (20:20), кога Шабани постигна тројка, но до крајот на првиот период од „контролата“ во Скопје, Црногорците направија уште една серија, од седум поени, за највисоки (27:21).

На почетокот на втората четвртина, Македонија се доближи на (25:27), но уште еднаш дозволија нашите кадети противникот да направи серија, повторно од седум поени, за да се одвои на највисока предност (34:25), момент од 14.минута.

По слично „сценарио“ се вратија избраниците на селекторот Нермин Пепиќ кон резултатски егал, односно намалија на -2, (37:39).

И уште еднаш во текот на првото полувреме, нова серија на Црна Гора, за ново одвојување, сега за двоцифрено водство, (47:37) кое беше забележано во 19.минута.

Негатива од десет поени имаат кадетите и на полувремето (39:49).

Со серија од (7-0) гостите го отворија и второто полувреме, стигнаа до уште повисоки (56:39). Нашата селекција со неколку реализации по ред, се приближи на (50:62), кога се играше 26.минута. Но не и нешто повеќе од тоа, по три одиграни четвртини Црна Гора одново имаше високи (75:59).

Без особени промени во играта, и резултатот протекнаа и финалната, во која Црногорските кадети дојдоа до уште поубедлив триумф.

Гиновски беше прв поентер во селекцијата на Македонија, реализираше 14.поени (имаше и четири скока и четири додавања). Го следеше Сотир, кој уфрли 12.поени (четири скока и исто толку асистенции). Илиев постигна десет, Беговски имаше девет (плус седум скока и две блокади), колку што реализираше и Чучанов (четири скока и две асистенции), од оние играчи кои беа стартери на овој натпревар за нашата кадетска селекција.

Двете кадетски репрезентации утре попладне ќе одиграат уште еден контролен меч, закажан е за 13.часот, исто така во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.