09.02.2025

Нена Трајчевска го игра последниот танц во репрезентативниот дрес

Како и секогаш до сега да дадеме сѐ од себе за боите на овој дрес!

Ги брани државните бои од 2010 година, а по 15 години играње во националниот тим Нена Трајчевска одлучи да и стави крај на репрезентативната кариера.
Вечерва, со почеток во 19:00 часот на натпреварот против Украина во рамки на последниот евроквалификациски прозорец, таа за последен пат ќе излезе на теренот заедно со своите соиграчи од сениорската женска репрезентација. Натпревар без резултатско значење за нашиот состав за овој циклус, но и натпревар кој ќе биде полн со емоции.

Украинките несомнено се фаворити на овој натпревар, ја имаат Иагупова, една од најдоминантните кошаркарки на сцената во моментoв, но и ќе излезат агресивни зашто им е многу потребна победата на овој последен натпревар од овие квалификации. Без разлика на сѐ, очекувам ние да излеземе на терен и како и секогаш до сега да дадеме сѐ од себе за боите на овој дрес. Но, највеќе од сѐ сакам да уживаме заедно ние девојките, поготово зошто мене ќе ми е последен натпревар за националниот дрес.
Оваа одлука ја донесов заради големиот физички напор и повредата која ме мачи веќе подолго време и не сум на ниво кое е потребно да ѝ помогнам на екипата. Би сакала овој последен натпревар да е мала ретроспектива за целата изодена патека досега со репрезентацијата, со сите предизвици, тешки, но и убави моменти заедно со сите кои биле дел од истата. После 15 години активно играње за сите генерации на истата, си одам со многу незаборавни поминати предизвици и препреки, но и апсoлутно со едни од најубавите спомени со девојките кои сме израснале заедно, како кошаркарки и уште поважно како девојки и жени. Сите соиграчи, тренери и работници кои биле дел од истиот пат би сакала да им се заблагодарам од дното на моето срце. Играњето за овој дрес за мене отсекогаш претставувало најголем достиг и успех во мојата кариера и така ќе остане засекогаш. Честа и гордоста што сум ги носела на теренот како Македонка, се секогаш главните емоции кои ме воделе и се надевам дека истото го пренесов на младите девојки, да ја преземат лидерската улога и да почнат да освојуваат многу поголеми врвови од тоа што оваа наша генерација има направено. Јас со целото мое срце верувам дека тоа е возможно се додека им се дадат правите и основни услови на овие девојки да се развиваат и да се натпреваруваат на ова ниво! Секогаш ќе ја имаат мојата поддршка, без разлика што како играч нема да сум до нив на теренот. – истакна Трајчевска.

Натпреварот помеѓу Украина и Македонија во Рига ќе се одигра вечер (9. Февруари, 2025 година) со почеток во 19:00 часот.