Работна беше оваа вечер за Ненад Димитријевиќ и Хувентуд. Го играа петтото коло од ТОП 16 фазата од Еврокупот. И загубија несреќно на гостувањето во Андора, каде на две секунди пред крајот примија тројка, за минимален пораз (90:89)...
Екипата од Бадалона гостуваше во Андора, во обид со победа да остане во игра за пласман во четвртфиналето на ова натпреварување.
Беа успешни во првото полувреме во кое обезбедија минимална предност (48:47). Но на крајот, останаа пократки за поен, загубија со (89:90).
Во тие 20.минути Димитријевиќ беше реализатор на седум поени (2/2 за два и 3/3 за еден поен), а имаше и три асистенции и еден скок за само исто толку поминати минути во игра.
Во ист стил нашиот млад кошаркар продолжи во вториот дел од играта. Доби уште поголем простор, го дополни своето поентерско салдо. За 20:12 минути, стигна до 14. реализирани поени (0/4 за три, 5/6 за два и 4/4 за еден поен), плус шест додавања, еден скок и една загубена топка.
Во неизвесен финиш, на две и пол минути пред крајот, Хувентуд имаше предност од пет поени (84:79). Но, домашната екипа ја надмина негативата, прејде во водство (85:84). За момент, затоа што Лопез-Аростеги погоди за три поени, а Препелич погоди едно слободно фрлање, и го вратија „зелено-црниот“ тим во предност (88:85). Диање намали на (87:88), а во последните осум секунди од мечот во Андора, Препелич повторно беше половичен од истата позиција, за плус 2, (89:87).
Тоа го казни Клевин Хана, погоди за три поени (90:89). Обидот на Димитријевиќ со звукот на сирената, за жал, не го најде патот до мрежичката на противничкиот кош.
По пет одиграни кола, Хувентуд е на ефект (2-3), а во последното, шесто коло, од овој круг од натпреварите во Еврокупот, Хувентуд на свој терен ќе го пречека фаворитот за место во големото финале – Уникаха од Малага.