Предводникот на нашиот национален тим постигна двомесечен договор со еден од најтрофејните француски клубови.
Војдан Стојановски ја продолжува својата интернационална кариера во Франција. И тоа како играч на еден од најпознатите клубови во земјата на „галските петлиња“ – ЕБ По Лак Ортез.
Слободниот агент постигна краткорочен договор со тимот од По.
Се чини потписот со славниот клуб доаѓа во вистинско време и за Војдан, но и за нашиот национален тим кој веќе во февруари ќе ги има оние први мечеви од квалификациите за Евробаскетот 2021 година.
Зад Стојановски е неколку месечна пауза, која тој ја искористи да ја задржи формата тренирајќи, индивидуално, но и со екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
Она што е особено важно е дека како играч на ЕБ По Лак Ортез, капитенот на „црвено-жолтите“ ќе го фати и оној играчки ритам, особено ако се земе в предвид дека Французите се дел од ФИБА Лигата на Шампионите. И дека максимално подготвен ќе се најде на февруарскиот собир пред дуелите со селекциите на Естонија и на Русија.
„За прв пат во мојата кариера ќе настапувам за еден клуб од Франција, еден од најпознатите во историјата на кошарката на оваа земја. Да, долго чекав на новиот клуб, но сега се си дојде на своето место. Бев нетрпелив, но чекањето мислам дека максимално ќе се исплати. Договорени се сите детали. Договорот е со важност од два месеци. Но го прифатив од проста причина што ова е сепак Франција, но и поради тоа што играат во ФИБА Лигата на шампионите“ - ни изјави Стојановски по пристигнувањето на француското тло.
Ако се биде според договореното, Стојановски би можел да дебитира во дресот на новиот клуб за неколку дена, поточно на 17. декември, во дуелот од шампионската лига на ФИБА, кога во Германија, каде настапуваше до скоро (како играч на Лудвисбург), против екипата на Раста Вехта. Следниот меч е од домашниот шампионат, на 20. декември, против екипата на Шалон.
„Битно е да почнам да играм, потоа мислам дека ќе биде многу полесно. Факт е дека ќе биде потребно време да се ‘пронајдам’ со екипата. Но тренерот ги знае моите квалитети, тоа е и една од причините што сум тука. Очекувам брза аклиматизација, а на него е да одлучи кога ќе заиграм. Иако ситуацијата не е сјајна, добив информација дека има доста повредени соиграчи, доста натпревари се пред нас преку кои можеме да се подигнеме“- дополнува репрезентативниот предводник.
Во овој прв дел од сезоната некогашниот француски првак не може да се пофали со успешни настапи. Во овој момент со ефект од четири победи и девет порази е на 15. позиција во француската ПРО А лига.
Од друга страна, лошо стојат и во Лигата на Шампионите. Во осум кола имаат само две победи и дури шест порази.
Но пред Стојановски и неговите нови соиграчи се уште шест натпревари во кои може да се поправи крајниот ефект во ова европско натпреварување.
Инаку, ова ќе биде деветта „странска“ сезона за Стојановски. А исто така и деветти клуб за кој ќе настапува надвор од границите на Македонија. Претходно, капитенот на нашиот национален тим играше за Напредак- Крушевац (Србија), Черкаси мавпи и Доњецк (Украина), Алба Берлин и Олденбург (Германија), Андора и Реал Бетис (Шпанија), како и турскиот Бујукчекмеџе.
Интересно, со овој потпис, Стојановски ќе биде третиот македонски кошаркар кој некогаш настапувал за славниот клуб од По. Пред него во таа улога беа Драган Луковски, како и неговиот соиграч во националниот тим, Александар Костоски.
Во Франција, но во ПРО Б лигата, игра уште еден македонски репрезентативец. Стојан Ѓуроски го носи дресот на екипата на Евре.