Една игра со Естонија, сосема друга, подобра, против Русија. За жал, крајниот ефект, поразителен.
Македонија стартуваше со два порази во квалификациите за ЕП 2021.
А Војдан Стојановски вели дека по прикажаното во оние 40.минути во Перм, се можеше да биде сосема поразлично. Но и дека пред нашиот национален тим се уште четири натпревари во кои може да се реализираат планираните цели кои се граничат со наше ново учество на едно големо натпреварување.
„Ова е играта која треба да ја негуваме во иднина, без разлика што сега загубивме. Треба да бидеме борбени во сите 40. минути, и треба да веруваме во сопствените сили, не треба да гледаме на противниците со респект. Се боревме, навистина игравме добро, мислам дека ни недостасуваше малку енергија па и малку среќа во финишот“- вели по оние 40.минути во Перм, Војдан Стојановски.
Предводникот на оваа генерација на наши кошаркари е свесен за пропуштената можност. Особено на оној прв меч во Скопје, против Естонија.
„Во Перм видовме дека можеме многу подобро. Видовме дека имаме потенцијал. Штета, навистина голема штета што не го искористивме домашниот терен, имавме и полна сала. Ги имавме сите услови за победнички старт. Затоа можам да кажам дека искрено, сега поразот од Естонија боли уште повеќе“- сумира нашиот најдобар поединец на двата меча со Естонија односно со Русија.
Но нема предавање...
„Факт е дека до ноември има долг период пред нас. Она што јас искрено си посакувам е да нè служи здравје сите. За наредните средби да бидеме комплетни. Тогаш ќе знаеме што нè чека. Знам дека ќе одиграме многу подобро. Дека ќе стигнеме до победа, и со самото тоа да се вратиме во трката за настап на Европското првенство следната година“- порачува Стојановски.