07.01.2020

КАПИТЕНОТ ВО ЕВРО-АКЦИЈА: Во новата година стигна и првата евро-победа за Војдан Стојановски и По Лак Ортез

Францускиот претставник беше подобар од полскиот, Анвил Влоцлавек (85:77) за трета победа во ФИБА Лигата на Шампионите...

 

Со своите евро-обврски продолжи капитенот на нашиот национален тим, Војдан Стојановски.

Со неговиот нов клуб, По Ортез го одработија десеттото коло од „Б“ групата од ФИБА Лигата на Шампионите.

Пред своите гледачи во По, го нагостија полскиот Анвил Влоцлавек, и стигнаа до третата победа во ова натпреварување (85:77).

Во првото полувреме Војдан Стојановски одигра само 5:20 минути. Период во кој реализираше три поени (1/3 од поле и 1/1 од линијата за слободни фрлања), а имаше и еден скок, односно две загубени топки.

Многу поразлично, секако и подобро за Војдан беше во второто полувреме.

Од самиот почеток, бекот на По Лак Ортез реализираше шест поени, со кои домашната екипа се одвои на сосема солидни, според текот на играта во првиот дел, (55:47).

Поточно, со серијата (14-6), реализирана во пет минути, францускиот тим поведе со двоцифрени (58:47). Но поради третата лична грешка, Стојановски седна на клупата... А многу брзо по враќањето во играта, стартерот во домашната екипа ја заработи и четврттата, по која мораше да внимава во дефанзивните активности.

Средбата ја заврши со десет реализирани поени (2/4 за три, 1/3 за два и 2/4 за еден поен), четири скока, три загубени и една освоена топка за 19:12 минути поминати на паркетот.

По десет одиграни кола во првата фаза од Лигата на Шампионите, По Лак Ортез има ефект од три победи и седум порази, со кои се наоѓа на последната позиција во групата „Б“ од ова ФИБА натпреварување.