17.02.2017

„Соколите“ триумфално го започнаа завршниот турнир

Карпош соколи е првиот патник во полуфиналето на ЛИМАК Купот на РМ

Екипата на Карпош соколи е првиот патник во полуфиналето на ЛИМАК Купот на РМ во машката конкуренција. Избраниците на Драган Николиќ се помачија во финишот на натпреварот, но успеаја да ја оправдаат фаворитската улога против екипата на Вардар која ја совладаа со 92-84 односно 30-13, 23-24, 20-22 и 19-25 по делници.

Бојан Трајковски го фати првата топка и му ја додаде на Кендрик Пери за да го организира првиот напад за клубот од Карпош. Неколку секунди подоцна капитенот на „соколите“, Игор Пенов, го ’скрши ледот’ отворајќи го резултатот неколку секунди по официјалниот старт на натпреварот. Комуникацијата на релација бекови-играчи во рекетот функционираше беспрекорно за екипата која беше домаќин на првиот четвртфинален дуел, па разликата стана двоцифрена по нешто повеќе од три минути игра (13-2). Како одминуваше времето, така растеше и предноста која ја таложеа кошаркарите на Карпош соколи.

На полувремето екипите се разделија при резултат 53-37 во корист на кошаркарите од Карпош. Дополнителен пех за младата екипа на Вардар беше повредата на капитенот Војче Лефкоски која ја заработи веднаш по почетокот на вториот дел од натпреварот. Ѓорѓи Кочов не можеше да располага со услугите на искусниот бек во наредните неколку минути. Искуството на „соколите“ беше пресудно за текот на преостанатиот дел од натпреварот. Капитенот Пенов ја зголеми разликата и на 20 поени предност за „соколите“ (67-47), која до средината на четвртиот период младите кошаркари на Вардар успеаја да ја преполоват (81-74). Повика Николиќ тајмаут, а потоа следеа неколку промени на паркетот. Поискусните кошаркари добија задача рутински да го завршат натпреварот, а довербата беше оправдана. 

Стрелци на натпреварот:
Карпош соколи: Дарко Соколов (18 поени), Бојан Трајковски (20 поени), Кендрик Пери (10 поени).
Вардар: Војче Лефкоски (22), Ибитајо Адекунле (17 поени), Дниел Калов (14 поени).