19.09.2017

Карпош Соколи испушти победа против Калев Крамо

Карпош Соколи го започна својот историски поход кон клупска Европа со пораз на домашен терен. Кошаркарите од клубот од скопската општина Карпош загубија од естонскиот актуелен шампион Калев Крамо во рамки на првото квалификациско коло од втората сезона во Лигата на шампионите организирана од ФИБА со 79-87 (18-25, 21-17, 23-16, 17-29).

Ладна пот ги облеа кошаркарите од домашниот состав откако гостинот од Балтикот го отвори натпреварот со реализирани шест поени во низа. Нулата што стоеше покрај името на клубот од нашата престолнина брзо беше збришана со шутевите од далечина кои беа дело на Николовски и на Чомагиќ. „Соколите“ не само што успеаја да ја анулираат негативата пред себе, туку и го преземаа водството (10-8). До крајот на првиот период резултатот беше во корист и на двете екипи, а со слична игра се продолжи и во втората четвртина од натпреварот. На крајот од првиот дел од натпреварот, домаќините имаа само три поени за анулирање (39-42). Во вториот дел од натпреварот се промени динамиката на игра. Кошаркарите од клубот од Карпош беа побрзи во транзицијата, па во два наврати успеаја да наталожат и позитива од деветпоени. Предноста не ја задржаа за долго. Во последниот период гостите беа подоминантни на теренот и за првпат во текот на целиот натпревар направија предност од 10 поени (77-87). СО помалку од една минута до крајот, негативата се покажа како недостижна.

Шанса за искупување македонскиот вицешампион ќе има за два дена, на гости во Талин.

СТРЕЛЦИ
Колинс (3поени), Браун (9), Соколов(2), Николовски (16), Мекфејден(23), Делиќ (14), Чомагиќ (5), Лабовиќ (5), Ѓуроски (2).