„Минибаскет лигата е натпреварување во кое победата не е главната цел, иако е голем мотив за спортување, но акцентот е ставен на поттикнување на детскиот талент и подобрување на индивидуалниот квалитет на секоја личност“- вели координаторот за млади категории во нашата федерација по реализацијата на првиот собир за најмладите кошарка(р)ки.
Богатството на секој сегмент на животот, особено спортот, се оние од најмладите-девојчињата и момчињата.
„Мини баскетот овозможува единствена можност момчињата и девојчињата да се запознаат со кошарката на вистински начин, создавајќи ги предусловите за нивно долгорочно занимавање со спорт. Таа се заснова на здрави образовни принципи кои обезбедуваат физички, интелектуален, емоционален и социјален развој на децата. Овозможува можност момчињата и девојчињата да ја почувствуваат целата возбуда и убавината на натпревар, прилагодена на нивната возраст“- вели Мирко Ивановски, координатор и еден од оние со примарна улога на она што овој викенд, КФСМ го организираше и реализираше.
Проект минибаскет лига за кошаркари на осум, девет и десет годишна возраст.
Ивановски потенцира еден особено важен сегмент:
„Ова е натпреварување во кое победата не е главната цел, иако е голем мотив за спортување. Акцентот е ставен на поттикнување на детскиот талент и подобрување на индивидуалниот квалитет на секоја личност. Ги поттикнува пријателството, уживањето и фер-плејот, со почитување на другите учесници во играта - други играчи, тренери, функционери, судии и родители“.
Поточно кажано, мини баскетот има неколку заеднички цели:
„Да ги научиме основните моторички вештини и специфични кошаркарски вештини, во средина соодветна на потребите и ограничувањата на децата. Да се зголемат можностите за учество на деца од сите нивоа на способност. Да се обезбеди можности за рекреација, да се вметне вредности на сложност и одговорност. И на крјаот, што е можеби и најважната порака, сите ние заедно да покажеме дека спортот може да биде забавен за сите“- заклучува Ивановски.
Гледано низ призмата на бројките, овој кошаркарски хепенинг во „Кале“ беше задоволство плус за околу 550, се надеваме идни кошаркар(к)и, поделени во 40. екипи, а креирани од страна на 20. клубови кои испратија своја пријава за настап.
За она што следува, веројатно сликата која ја испративме од „Кале“, од Скопје, ќе биде иста, или уште „побогата“.
Впрочем, ова е само еден почеток на една кошаркарска приказна...