Претседателот на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Перо Антиќ, заедно со генералниот секретар Владимир Георгиевски, и Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, на денешната средба изразија голема благодарност до групата ентузијасти за формирањето на градскиот кошаркарски клуб Охрид и се обврзаа за обезбедување на помош за непречено функционирање на клубот.
Претседателот на нашата федерација истакна дека е задоволен што постојат ентузијасти кои се борат да ја продолжат кошаркарската приказна во градот и што на охриѓани и овозможуваат повеќе спортски доживувања.

Првиот човек на Охрид, како голем љубител на спортот, не себично ја истакна својата поддршка кон новоформираниот клуб и се обврза во скоро време да им обезбеди и финансиска помош.
Од друга страна, претставниците на КК Охрид, информираа дека ќе се посветат максимално со работа во младинските категории и охридските кошаркарски таленти. И чекор по чекор да одат напред, за веќе од наредната година да се натпреваруваат во Првата македонска кошаркарска лига.