По пауза од неколку години, Кирил Николовски е одново во комбинација да го облече „црвено-жолтиот“ дрес. Се чини во вистински момент е неговиот „кам-бек“ во националниот состав, особено ако се земе в предвид дека на тимот кој за ноемврискиот ФИБА „прозорец“ го одбра селекторот Драган Бајиќ му е, и тоа како потребен играч од таков профил.
Една „подвижна четворка“ со одличен шут од далечина, кој отвара и други комбинаторики за стручниот штаб во пресрет на почетокот на квалификациите за Светскиот Куп 2003. Односно дуелите против селекциите на Шпанија на 26. ноември во Скопје, и на Украина, три дена подоцна во Киев.
По пауза од повеќе од четири години, Николовски е дел од нашата најдобра селекција. Неговиот последен меч за сениоорите беше уште во август, 2017 година, на гостински терен во Талин, против Естонија?
„Веројатно тој период ќе беше и пократок, но летоска поради приватни обврски морав да го одбијам повикот да се вратам во националниот тим. Јас отсекогаш сум стоел на раполагање кога е во прашање играњето за репрезентацијата. Па еве ме тука на првиот тренинг во ‘Јане Сандански’ “ – вели нашиот искусен кошаркар.
Веројатно посебно предизвик и за Николовски е играњето во светските квалификации, и вакви натпревари, како на пример оној во петок навечер, против актуелниот светски шампион – Шпанија?
„Свесни сме за тоа, огромен предизвик за сите нас кои се собравме тука, е да се обидеме да дадеме максимум од своите можности. До каде ќе нè доведе тоа во еден ваков натпревар, ќе видиме. Имаме неколку дена за одработување.
Што може да се очекува од овој меч? Реално, и искрено посакувам да се ‘потрошиме’, да одиме до крајот. Да видиме колку навистина сме подготвени да играме против, освен САД, веројатно и најдобрата европска репрезентација во овој момент. Освојувач на светското злато, без оглед на имињата во ростерот кој е најавен за нивното гостување во Скопје“.
Не би требало да има некои проблем, со оглед на тоа дека добро се познаваш со најголем дел ид играчите кои се на подготовките за овие две средби од квалификациите.
„Па не, иако излегува дека сум меѓу оние најискусните во ростерот. Секако дека добро се познаваме, овен тоа имаме големи мотиви. Но ќе повторам за мене е најважно да дадеме се од себе. Лично, би сакал добрата форма од натпреварите во домашниот шампионат да ја пренесам на теренот во овие два натпревари. Да помогнам колку што можам. Искрено, не би имал ништо против да имаме една победа во овие два натпревари кои се пред нас“- дополнува Николовски.