ФИБА денеска го одреди распоредот во четирите натпреварувачки групи од вториот круг на претквалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2023 година.
Македонската машка сениорска селекција, заедно со репрезентациите на Швајцарија и Словачка се дел од „Ф“ натпреварувачката група.
Вака одлучи ждрепката која пред неполн час, беше реализирана во Берлин.
Согласно со системот за натпреварување, првопласираните две селекции од секоја од четирите групи ќе обезбеди пласман во следниот циклус од натпреварите.
Вториот круг од претквалификациите ќе се игра во периодот од 11. до 28.август.
КОИ СЕ НАШИТЕ ПРОТИВНИЦИ
ШВАЈЦАРИЈА
Се чини дека швајцарската репрезентација ќе ни биде најголем ривал за првото место во претквалификациската група за пласман во квалификациите за Мундобаскетот.
Се разбира дека тоа не е селекција од европскиот кошаркарски крем, но има компактна екипа која во квалификациите за Европското првенство направи големо изненадување.
На 28 ноември 2020 година, во „балонот“ што се одржа во Еспо (Финска), Швајцарците ја совладаа Србија со 92-90.
„Орлите“ на тој натпревар не беа комплетни, недостасуваа НБА и Евролига играчите, но сепак тој резултат беше еден од најсензационалните во квалификацискиот циклус за Европското првенство.
Победничкиот кош го постигна Душан Млаѓан, играч роден во Белград кој заедно со брат му, Марко се главни играчи во оваа швајцарска селекција.
Оваа селекција нема голема кошаркарска традиција. Последен пат на Европските првенства играла во 1955 година, а најдобар пласман ѝ е четвртото место, од првиот континентален шампион, во 1935 година, на домашен терен.
На Мундијалите уште не учествувала, а на Олимписките игри настапила во 1936, 1948 и 1952 година.
СЛОВАЧКА
На хартија, а и според последните резултати, Словачка е најслабата репрезентација во групата „Ф“.
По разделбата со Чешка, кошаркарската репрезентација на оваа земја нема забележителни резултати. Уште го чека својот дебитантски настап на големите натпреварувања, а повеќе од 15 години кубури во Б-дивизијата или во пред-претквалификациите откако е воведен новиот систем.
И во последните претквалификации се намачи во групата со Исланд, Луксембург и Косово и пласман во следната фаза обезбеди благодарение на триумфот против Косово со (77:73) во последното коло, откако претходно загуби од Луксембург на гостински терен.
Во тој циклус, Словачка беше ослабена бидејќи не играше првата ѕвезда, играчот на Барселона, Кајл Кјурик кој со каталонскиот тим имаше обврски во Евролигата.
Можно е тој да настапи во претквалификациите, освен ако Барса не му дозволи затоа што во периодот кога се на програмата претквалификациите, почнуваат подготовките за новата сезона. Затоа, играше соиграчот на Ненад Димитријевиќ од Хувентут, Владимир Бродзијански кој на споменатиот натпревар со Косово постигна 28 поени и 18 скока за индекс 42.
Селектор на словачката репрезентација е поранешниот НБА шампион Жан Табак (пред да ја освои титулата со Хјустон, освои три во Купот на европските шампиони со Југопластика) кој е на функцијата од 2019 година, а воедно е и тренер на полскиот прволигаш Зјелона Гора.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРУВАЧКИТЕ ГРУПИ ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ
ГРУПА Ц
Шведска
Австрија
Португалија
ГРУПА Д
Летонија
Романија
Белорусија
ГРУПА Е
Црна Гора
Исланд
Данска
ГРУПА Ф
Македонија
Швајцарија
Словачка